СЛОВАЧКА СО ЈАСНА ПОРАКА Македонија не смее да трпи двојни стандарди
На средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, словачкиот министер Јурај Бланар ја потврди поддршката за македонските евроинтеграции, додека претседателката порача дека постепената интеграција не може да биде замена за полноправно членство во ЕУ.

Словачка останува силен поддржувач на европската перспектива на Македонија и се противи на примената на двојни стандарди во процесот на проширување на Европската Унија. Ова беше една од клучните пораки од средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар, кој престојува во официјална посета на земјава.
На средбата беа потврдени традиционално пријателските односи меѓу Македонија и Словачка, како и заедничката заинтересираност за продлабочување на билатералната соработка.
Претседателката ја нагласи важноста на континуираната словачка поддршка за македонските евроинтеграции, истакнувајќи дека пристапниот процес мора да биде кредибилен, предвидлив и заснован врз реални заслуги и исполнување на Копенхашките критериуми.
Според неа, постепеното интегрирање во европските структури, пристапот до единствениот европски пазар, фондовите и заедничките програми претставуваат значајни чекори кон Унијата, но не смеат да се третираат како замена за полноправното членство.
Во разговорите било отворено и прашањето за односите со Бугарија. Сиљановска-Давкова изразила подготвеност за сеопфатен дијалог со Софија, но нагласила дека тој треба да се води во духот на европските принципи и вредности, гарантирани со основачките документи на Европската Унија.
Словачкиот министер Бланар, од своја страна, ја поддржал потребата од македонско-бугарски дијалог, оценувајќи го како единствен начин за надминување на постојните проблеми.
Шефот на словачката дипломатија ја потврдил посветеноста на неговата земја кон европската интеграција на Западниот Балкан, вклучително и Македонија. Особено значајна била неговата порака дека Словачка се противи на каква било примена на двојни стандарди при третманот на земјите-кандидати за членство во Европската Унија.
Покрај политичките прашања, соговорниците разговарале и за блиските јазични и културни врски меѓу двата народа, втемелени во наследството на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Претседателката изразила особена благодарност за објавувањето на првиот учебник за изучување на македонскиот јазик наменет за словачки говорители, како и за отворањето на првиот лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Нитра.
Овие активности претставуваат значаен придонес во афирмацијата на македонскиот јазик и култура во Словачка.

