ХРВАТСКА ЈА КРЕВА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА НА 1.130 ЕВРА Колку ќе добиваат работниците од јануари

Од 1 јануари 2027 година минималната бруто-плата ќе биде повисока за 80 евра, односно за 7,6 проценти. Синдикатите бараа 1.250 евра, но Владата донесе пониска одлука.

ХРВАТСКА ЈА КРЕВА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА НА 1.130 ЕВРА Колку ќе добиваат работниците од јануари
Фото: Принтскрин

Минималната бруто-плата во Хрватска од 1 јануари 2027 година ќе изнесува 1.130 евра, објави премиерот Андреј Пленковиќ на седницата на Владата. Тоа е зголемување од 80 евра во однос на актуелната минимална бруто-плата од 1.050 евра, односно годишен раст од 7,6 проценти.

Пленковиќ соопшти дека одлуката е донесена по консултации со синдикатите и работодавачите, кои се согласиле дека минималната плата треба да се зголеми, но имале различни ставови за висината на покачувањето.

За да им го олесни преминот кон повисоката минимална плата, Владата најави финансиска поддршка за работодавачите што исплаќаат минимални плати. Во првите три месеци од 2027 година, државата ќе ја надоместува разликата меѓу сегашниот и новиот износ на бруто-платата, по поднесено барање.

Поддршката ќе изнесува околу 80 евра месечно за секој работник, односно до 240 евра за тримесечниот период.

Иако постоела согласност дека минималната плата треба да се зголеми, на консултациите одржани на 14 октомври во Министерството за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика не бил постигнат договор за конечниот износ.

Работодавачите се залагале за поумерено зголемување, додека синдикатите барале повисока минимална плата. Независните хрватски синдикати предложиле минималната бруто-плата да достигне 1.250 евра – за 120 евра повеќе од износот што го утврди Владата.

Министерот за труд Ален Ружиќ претходно изјави дека целта на владината програма е минималната плата да достигне 1.250 евра до 2028 година.

Тоа значи дека најновото зголемување е дел од поширокиот план за постепено растење на минималната плата во Хрватска, но останува да се види со каква динамика ќе се реализира најавената цел.

CATEGORIES
Share This