МАКЕДОНЦИТЕ МУ СЕ ДОВЕРИЈА НА ChatGPT Еве за што најмногу го користат

Наместо за работа, вештачката интелигенција почесто ја користат за совети, учење, решавање проблеми и лични теми.

МАКЕДОНЦИТЕ МУ СЕ ДОВЕРИЈА НА ChatGPT Еве за што најмногу го користат
Фото: Принтскрин

Македонците сè почесто го користат ChatGPT како соговорник и практичен помошник, а значително поретко како алатка за професионални задачи. Тоа го покажува анализа на Институт Демократика, изработена врз основа на податоци од OpenAI Signals. Само 18,1 отсто од пораките испратени од Македонија се однесуваат на професионални задачи, додека речиси 40 отсто се поврзани со совети, учење, решавање проблеми и практична помош.

Според анализата, Македонија е меѓу европските земји каде ChatGPT најчесто се користи за неформален разговор и лична интеракција. Во јуни Македонија била и единствената земја во анализираниот период каде ваквата комуникација била почеста од директното поставување прашања.

Интересен е и трендот кај користењето на ChatGPT за работа. Во првата половина од 2025 година, речиси 29 отсто од пораките биле поврзани со професионални задачи. Една година подоцна, нивниот удел паднал на под 20 проценти, односно на 18,1 отсто.

Најголем дел од корисниците од Македонија ChatGPT го користат за практични совети и решенија. Во оваа категорија спаѓаат помош при учење, решавање проблеми, како и прашања поврзани со здравје, фитнес и лична грижа. Токму во оваа област Македонија се наоѓа меѓу земјите со највисока употреба во Европа.

Податоците на Евростат покажуваат дека генеративна вештачка интелигенција користи нешто повеќе од една петтина од населението во Македонија на возраст од 16 до 74 години. Анализата на Институт Демократика се темели на податоците од OpenAI Signals, со примерок од околу 300 илјади пораки месечно, во периодот од јули 2024 до јуни 2026 година.

Важно е што податоците се однесуваат на пораки, а не на бројот на корисници, па не може директно да се заклучи колку луѓе користат ChatGPT во Македонија.

CATEGORIES
TAGS
Share This