ЈАЗИКОТ СЕ ЧУВА И СО ОНА ШТО ПРВПАТ ЌЕ СЕ ИЗГОВОРИ ЗА НЕГО Раде Силјан за иднината на македонската книжевност
Со новата книга и одбележувањето на 40 години од неговото прво дело со критики и есеи, Силјан испрати порака за новите генерации писатели.

„Јазикот се чува и со она што првпат ќе се изговори на него“, порача писателот и книжевен критичар Раде Силјан на свеченоста што што се одржа во Друштвото на писателите на Македонија. Со промоцијата на неговата нова книга „Поетски облици на времето“, во издание на „Матица македонска“, беа одбележани четири децении од објавувањето на „Пронајден облик“ од 1986 година, неговата прва книга со критики и есеи.
Силјан нагласи дека македонскиот јазик треба да остане простор за нови идеи, книжевни гласови и генерации автори кои ќе го надградуваат со своето творештво.
„Сакам на македонски да се пишуваат и книгите што денес сè уште не умееме да ги замислиме. Да има млади луѓе што со доверба ќе пишуваат на овој јазик и ќе кажат нешто што ние не сме го кажале“, истакна тој.
Притоа ја посочи и одговорноста на веќе афирмираните книжевници да им дадат простор на новите автори и внимателно да ги читаат нивните дела.
Во „Поетски облици на времето“ се обединети критички огледи за триесет македонски поети, како и разгледувања на постарото книжевно наследство. Книгата, поделена во шест целини, го проследува развојот на македонската книжевност од средновековното слово и Преродбата до поетските остварувања во XXI век.
Подготвувајќи го изданието, Силјан повторно ги читал македонските поети и ги преиспитувал сопствените критичарски судови. Некои од нив се потврдиле, други барале дополнување, а стиховите што одамна му биле познати добивале нови значења низ животните разделби, загуби и радости.
„Понекогаш еден стих го разбираш дури откако животот ќе те донесе до него“, рече Силјан.
Тој посочи дека би бил особено задоволен доколку неговите критички огледи поттикнат некого повторно да посегне по одредена стихозбирка, да открие нешто што тој го превидел или, пак, слободно да не се согласи со неговите оценки.
„Верувам дека на книжевноста ѝ требаат луѓе што умеат да се израдуваат на добра книга потпишана со туѓо име“, порача авторот.
Силјан зборуваше и за можноста македонската поезија да создава блискост со читатели кои живеат во други земји и зборуваат различни јазици.
„Некаде некој ќе препознае своја болка во збор напишан на македонски. Во тој миг, нешто од нашиот живот ќе стане дел од неговиот“, истакна тој.
Оваа година се навршуваат и 35 години од основањето на „Матица македонска“. Силјан ја поврза својата повеќедецениска издавачка работа со надежта дека секоја објавена книга ќе стигне до читател кому му е потребна токму нејзината порака. Тој нагласи дека вреди да се работи и за непознатиот читател кој можеби ќе ја отвори книгата многу години по нејзиното објавување, без авторот и издавачот некогаш да го запознаат.
За книгата „Поетски облици на времето“ говореше проф. д-р Димитар Пандев, а се обрати и ас. д-р Иван Антоновски, уредник на изданието и автор на поговорот „Мерата на времето, обликот на вредноста“. Настанот го водеше д-р Марина Мијаковска, која го прочита и поздравот од претседателката на Друштвото на писателите на Македонија.
На крајот, Силјан упати порака за иднината на македонската книжевност и за книгите што допрва ќе бидат напишани.
„На тие идни книги им се радувам однапред. Во нив ќе продолжи и разговорот што го водиме денес. Македонската книжевност заслужува иднина поголема од нашите биографии“, порача Силјан.

