ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО ТЕК Автоматско оружје, муниција и симболи на ИСИС пронајдени при претреси
Неофицијално: МВР постапува по оперативни сознанија, се одземаат и телефони и лаптопи – засега нема официјална потврда за поврзаност со ИСИС.

Автоматско оружје, муниција, ножеви, тактички елек и симболи на ИСИС се меѓу предметите пронајдени во голема полициска акција која од утрово се спроведува на повеќе локации. Според неофицијални информации, Министерството за внатрешни работи постапува по претходно добиени оперативни сознанија од Агенцијата за национална безбедност.
Акцијата следувала по сознанија дека на територијата на Македонија дејствува организирана група. По добиените информации биле преземени оперативни активности и претреси. При претресите, покрај оружјето и опремата, биле пронајдени и симболи поврзани со ИСИС.
Меѓу одземените предмети, според неофицијалните информации, има автоматско оружје, муниција, ножеви и тактички елек. Од лицата се одземаат и електронски уреди – мобилни телефони и лаптопи. Електронските уреди треба дополнително да се проверуваат за да се утврди каква комуникација остварувале лицата, со кого контактирале и дали во случајот се инволвирани и други лица.
Иако при претресите биле пронајдени симболи на ИСИС, засега нема официјална информација дека лицата се поврзани со оваа организација. Природата на групата и евентуалните нејзини активности треба да бидат утврдени во понатамошната истрага.
Локациите на кои се вршат претресите засега не се соопштуваат. Не е познат ниту конечниот број на приведени или уапсени лица. Повеќе детали се очекуваат од МВР, Агенцијата за национална безбедност и надлежното обвинителство, до кое се очекува да биде доставена кривична пријава.

