ПОМАЛКУ НИВИ, ПОВЕЌЕ ХРАНА Македонија за 10 години загуби 31.000 хектари земјоделска површина

Пченицата, пиперките и компирот бележат раст на производството и покрај намалените обработливи површини.

ПОМАЛКУ НИВИ, ПОВЕЌЕ ХРАНА Македонија за 10 години загуби 31.000 хектари земјоделска површина
Фото: Принтскрин

Земјоделската површина во Македонија во последните десет години е намалена за околу 2,5 отсто – од 1.264.408 хектари во 2015 година на 1.233.099 хектари во 2025 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Иако земјоделските површини зафаќаат речиси половина од територијата на државата, околу 48 отсто, само 40 отсто од нив се обработливи, додека преостанатите 60 отсто се пасишта.

Во структурата на обработливото земјиште доминираат ораниците и бавчите со околу 80 отсто. Ливадите учествуваат со 12 отсто, лозјата со околу 4 отсто, а овоштарниците со 3 до 4 отсто. Во периодот од 2015 до 2025 година нема големи структурни промени. Најголемо зголемување има кај овоштарниците, со 0,3 процентни поени, додека лозјата бележат намалување од 0,2 процентни поени.

Пченицата останува водечка култура

Пченицата е најзастапената култура во земјоделството. Во 2025 година зафаќала 24,6 отсто, односно 65.648 хектари од вкупно засеаните површини.

Пченицата, јачменот и пченката заедно зафаќаат 51,1 отсто од сите засеани површини. Кај фуражните култури доминира луцерката со 6,7 отсто, додека тутунот останува значајна индустриска култура со 5,9 отсто. Од зеленчукот, најголеми површини имаат компирот со 4,3 отсто и пиперката со 3,4 отсто.

Податоците покажуваат интересна промена во изминатата деценија: иако кај повеќе култури се намалуваат обработуваните површини, приносите по хектар растат.

Пченицата – помалку ниви, но 27 отсто повеќе производство

Површините под пченица за десет години се намалиле за 10,9 отсто – од 73.979 хектари во 2015 година на 65.925 хектари во 2025 година.

И покрај тоа, производството е зголемено за 27 отсто. Од 201.218 тони пченица во 2015 година, производството достигнало 256.199 тони во 2025 година – односно околу 55 илјади тони повеќе.

Кај јачменот трендот е уште поизразен. Засеаните површини се зголемиле за 5,4 отсто, а производството е зголемено за повеќе од 50 отсто, благодарение на повисоките приноси.

Спротивен пример е оризот. Површините под оваа култура се намалиле за 38,5 отсто, а производството е намалено за 37 отсто.

Пченката загубила речиси 5.000 хектари

Пченката во изминатите десет години е намалена за 15,2 отсто по површина. Од 31.807 хектари во 2015 година, во 2025 година се одгледувала на 26.960 хектари.

Пад на површините има и кај гравот, за околу 25 отсто, како и кај краставиците, за 11,4 отсто.

Најголем релативен пад е регистриран кај леќата – од 84 хектари во 2015 година на само 24 хектари во 2025 година, што претставува намалување од повеќе од 70 отсто.

Од друга страна, површините под детелина бележат раст од над 50 отсто, што укажува на зголемено значење на оваа култура како сточна храна. Раст има и кај сончогледот од 8,7 отсто.

Пиперката бележи силен раст

Пиперката е меѓу културите со најизразен позитивен тренд. Површините се зголемиле за 4,5 отсто – од 8.622 хектари во 2015 година на 9.033 хектари во 2025 година.

Производството, пак, пораснало од 189.443 тони на 244.043 тони, што претставува раст од речиси 30 отсто.

Особено значително е зголемувањето на приносот. Во 2015 година еден хектар давал 21.985 килограми пиперки, додека во 2025 година приносот достигнал 27.017 килограми – околу 5.000 килограми повеќе по хектар.

Компирот дава повеќе и покрај помалите површини

Сличен тренд има и кај компирот. Иако површините се намалиле за 14 отсто, производството е зголемено.

Од 189.408 тони во 2015 година, во 2025 година се произведени 203.758 тони компири. Приносот по хектар е зголемен за 3.632 килограми.

Раст од 3.431 килограм по хектар бележи и кромидот.

Доматите и краставиците со сериозен пад

За разлика од пиперките и компирот, кај доматите и краставиците се забележува значително влошување на производните показатели.

Производството на краставици се преполовило – од 66.830 тони во 2015 година на 32.536 тони во 2025 година. Во истиот период површините се намалиле за околу 11 отсто.

Кај доматите падот на производството е поголем од една третина – од 173.434 тони во 2015 година на 112.645 тони во 2025 година.

Дополнително, приносот на доматите по хектар се намалил од 30.740 килограми во 2015 година на 20.945 килограми во 2025 година.

Кај краставиците падот на приносот е уште подрастичен. Во 2022 година приносот бил околу 47.000 килограми по хектар, а во 2023 година паднал на околу 29.000 килограми. Во 2025 година приносот останал значително под нивото од 2015 година.

Податоците за изминатата деценија покажуваат дека македонското земјоделство располага со помалку земјоделска површина, но кај дел од клучните култури повисоките приноси овозможиле раст на производството. Истовремено, кај одредени градинарски и житни култури се забележува значително намалување и на површините и на производството.

CATEGORIES
Share This