НЕ БАРАМЕ СОЧУВСТВО, БАРАМЕ ОДГОВОРНОСТ Протестен марш во Скопје по убиството на 17-годишната Билјана

„Ниту една повеќе!“ утре во 12 часот организира протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста. Се бара целосна истрага и одговорност за пропустите во случајот со девојката од Богданци.

НЕ БАРАМЕ СОЧУВСТВО, БАРАМЕ ОДГОВОРНОСТ Протестен марш во Скопје по убиството на 17-годишната Билјана
Фото: Принтскрин

По трагичното убиство на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе!“ организира протестен марш во Скопје, со кој ќе побара одговорност од институциите за фемицидите, институционалното насилство и недоволната заштита на жените и девојките.

Протестот ќе се одржи денеска, 8 ноември, со почеток во 12 часот, во паркот „Жена Борец“.

Повод за маршот е убиството на младата Билјана, која, според организаторите, претходно пријавувала насилство и закани по живот, а биле изречени и мерки за заштита. И покрај тоа, нејзиниот живот заврши трагично, што повторно ги отвори прашањата за постапувањето на надлежните институции и ефикасноста на системот за заштита.

Маршрутата на протестот ќе започне од паркот „Жена Борец“, ќе продолжи покрај Собранието и Министерството за правда, а ќе заврши пред Министерството за образование и наука.

Од иницијативата бараат целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана Кириќ, како и утврдување одговорност за сите евентуални институционални пропусти. Меѓу главните барања се и итно усвојување на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како и враќање на поимот „род“ во законите, упатствата и програмите од кои бил отстранет.

Дополнително, организаторите бараат разрешување од јавни функции и раководни позиции на лицата кои го оправдуваат или нормализираат насилството врз жените. Во повикот за протест, иницијативата потсетува на жртвите на фемицид и прашува уште колку жени треба да ги загубат животите за институциите да ја преземат својата одговорност.

„Билјана е девојче од 17 години. Пријавила насилство и закани по живот. Биле изречени мерки за заштита. Денес е мртва. Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја, Билјана. Уште колку имиња треба да научиме за институциите да почнат да ја преземаат својата одговорност?“, се наведува во соопштението.

Од „Ниту една повеќе!“ порачуваат дека не прифаќаат институционалното непостапување да се нормализира, ниту убиствата на жени да се третираат како изолирани трагедии.

„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, нагласуваат организаторите.

Тие потенцираат дека протестот е граѓански и не смее да биде искористен за партиска промоција. Политичките партии, како што наведуваат, треба да ги користат институционалните механизми за исполнување на поставените барања, додека партиски претставници, обележја, знамиња и политички настапи не се добредојдени на маршот.

CATEGORIES
Share This