11 ПРИЈАВИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ЗА ЕДНО ДЕНОНОЌИЕ Мажи апсени во неколку градови, жена пријавила дека била следена до домот
Физички напади, закани, вознемирување и истерување од семејниот дом – полицијата интервенирала во Прилеп, Струмица, Велес, Гостивар, Скопје и други места.

Дури 11 пријави за семејно насилство биле регистрирани во изминатото деноноќие на територијата на целата држава, информира Министерството за внатрешни работи. Во повеќе случаи полицијата лишила од слобода осомничени лица, а пријавите опфаќаат физички напади, закани, вознемирување и агресивно однесување во семејниот дом.
Во Прилеп, жена пријавила дека подолг период била следена и вознемирувана од поранешниот партнер, кој доаѓал на нејзиното работно место, ја следел до домот и ѝ испраќал пораки со навредлива содржина.
Во струмичко село, полицијата лишила од слобода 62-годишен маж по пријава дека агресивно се однесувал кон својата 57-годишна сопруга во семејниот дом. Во друг случај во Струмица, 65-годишен маж пријавил агресивно однесување од својот 33-годишен син, кој бил спроведен во медицинска установа за лекување. Особено сериозен случај бил регистриран во струмичко село во ноќта на 7 ноември. Таму бил лишен од слобода 38-годишен маж, осомничен дека физички ја нападнал својата 33-годишна сопруга, по што неа и нивните малолетни деца ги истерал од семејниот дом.
Во Велес бил лишен од слобода 45-годишен маж по пријава дека физички ја нападнал и ѝ се заканувал на својата поранешна сопруга, која исто така има 45 години. Во Злетово, полицијата од ОВР Пробиштип привела 49-годишен маж по пријава од неговата 37-годишна партнерка дека физички ја нападнал.
Во Гостивар бил лишен од слобода 42-годишен маж, откако неговата 38-годишна сопруга пријавила кривично дело „телесна повреда“. Во СВР Охрид, пак, 41-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг телефонски ѝ упатувал навреди и закани додека била на работа.
Семејно насилство и закани биле пријавени и на три различни подрачја во главниот град. Во Чаир, полицијата лишила од слобода 51-годишен маж по пријава дека физички ја нападнал својата 47-годишна сопруга. Во Ѓорче Петров, 19-годишник пријавил дека бил физички нападнат и дека му биле упатувани закани од неговата поранешна 17-годишна партнерка, која ги оштетила и влезната врата од неговиот дом и неговото патничко возило. Во Центар, 19-годишна девојка пријавила дека нејзиниот 49-годишен татко упатувал закани кон неа и нејзината мајка.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на сите случаи, по што ќе следуваат соодветни поднесоци. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да не молчат и навреме да го пријавуваат секој случај на семејно насилство.
Пријавување може да се изврши во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192. Пријави можат да поднесат и лица кои имаат сознанија дека некој друг е изложен на семејно насилство.

