НОВ ПРЕСВРТ ВО ПУЛС Јованов нуди имот за да излезе од притвор

Адвокатката тврди дека нема да избега, додека обвинителството и одбраната се судрија околу градежното вештачење.

НОВ ПРЕСВРТ ВО ПУЛС Јованов нуди имот за да излезе од притвор
Фото: Принтскрин

Газдата на кочанската дискотека „Пулс“, Дејан Јованов, ќе понуди обемна гаранција со недвижен имот доколку му биде овозможено да се брани од слобода. Неговата адвокатка тврди дека Јованов нема да избега и дека ќе биде достапен за органите на правдата во текот на постапката.

Притворот на Јованов по сила на закон истекува на 3 октомври, една година по одобрувањето на обвинителниот акт.

Вештакот тврди дека објектот бил реконструиран без потребните документи

На последното рочиште продолжи изведувањето докази со дополнителни прашања од обвинителството поврзани со градежното вештачење. Вештакот Викторија Димовска изјави дека дискотеката била реконструирана и просторот бил пренаменет без согласност од општината, како и без документација за заштита од пожари и природни катастрофи.

Одбраната побара нејзино изземање, оценувајќи дека вештакот е пристрасен и дека, како што тврдат, бил инструиран од обвинителството.

Повторно одложување поради отсуство на сведоци

Рочиштето во Основниот кривичен суд во Скопје, во предметот против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата безбедност поврзани со трагедијата во „Пулс“, беше одложено поради неприсуство на сведоци. Од судот информираа дека дел од поканите биле вратени како неуредно доставени или со ознака „не барал“, додека за дел од сведоците нема потврда дека ги примиле. Еден сведок телефонски потврдил дека ја добил поканата, но навел дека ќе дојде доколку му биде обезбеден превоз до Скопје.

Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска најави дека за следното рочиште поканите ќе се доставуваат преку полициска станица. Доколку сведоците повторно не се појават, судот ќе може да изрече парични казни и да нареди нивно присилно доведување.

Таткото на Панче Стојанов бара сведоците да ја кажат вистината

Одложувањето предизвика реакција кај Драги Стојанов, татко на Панче Стојанов, кој побара судот да ги искористи сите законски механизми за обезбедување на присуството на сведоците. Тој ги повика сведоците да сведочат без страв и притисоци и да ја кажат вистината. Стојанов посочи и на, како што наведе, притисоци врз семејствата од страна на бранителите, вклучително и закани со кривични пријави поради јавно искажани ставови.

„Наместо закани, потребни се човечност и разбирање за трагедијата и последиците со кои се соочуваат семејствата“, порача Стојанов.

Најавен марш по повод една и пол година од трагедијата

Стојанов најави дека в среда ќе се одржи марш по повод една и пол година од трагедијата во Кочани и повика на масовна поддршка. Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март, при што загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Според обвинението, полициските службеници кои биле дежурни биле ангажирани во објектот, но не ја прекинале забавата и не спречиле употреба на пиротехнички средства.

Следното рочиште е закажано за 1 октомври.

CATEGORIES
Share This