ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА Нов ребаланс на буџетот
Димитриеска-Кочоска: Се прават анализи, ќе одлучиме дали ќе има пренамена или нов ребаланс.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска не ја исклучува можноста до крајот на годинава да има нов ребаланс на Буџетот. Таа денеска, при посетата на граничниот премин „Табановце“, рече дека во јули, кога беше усвоен актуелниот ребаланс, не можело да се предвидат новите случувања и дополнителното заострување на кризата во Заливот, како и последиците врз цените на енергентите.
Според министерката, во Министерството за финансии во моментов се прават анализи за состојбата и се разгледува дали потребите ќе се покријат преку пренамена на средства или ќе биде неопходен нов ребаланс.
„Сега ги разгледуваме состојбите во Министерството за финансии, па ќе носиме одлука дали ќе одиме само со пренамена или ќе одиме со ребаланс на Буџетот“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека податоците заклучно со 10 септември покажуваат оти Буџетот се полни согласно планираното, иако има одредени отстапувања кај акцизите.
Кај увозните давачки, како што посочи, има раст од околу 10 проценти во однос на истиот период минатата година, додека приходите од ДДВ се повисоки за 10,4 проценти. Истовремено, повратот на ДДВ е зголемен за 10,1 процент, односно годинава се вратени околу 2,5 милијарди денари повеќе отколку лани.
Раст има и кај данокот на добивка, персоналниот данок и придонесите, додаде министерката.
„Состојбата кај акцизите ја следиме. До крајот на неделата ќе имаме состанок со Царинската управа и со УЈП и врз основа на нивните согледувања ќе донесеме одлука дали ќе има нов ребаланс или ќе се оди со пренамена на средства“, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека нов ребаланс не би бил преседан, бидејќи во претходните години, во услови на кризи, биле носени и по два ребаланси во една година.
Во однос на можноста за нови мерки за ублажување на кризата, министерката рече дека во моментов не се разговара за дополнителни мерки, но дека состојбата постојано се следи.
„За дизелот е донесена одлука за две недели. Ќе ги следиме состојбите и ќе носиме одлуки“, рече таа.
Димитриеска-Кочоска увери и дека за сега нема промени во планот за задолжување на државата до крајот на годината.
„Не, апсолутно нема промени во задолжувањето. Одиме по тоа како што е предвидено во ребалансот и според проекциите“, нагласи министерката.

