МИЦКОСКИ ДО ОПОЗИЦИЈАТА Народот може да направи јасна разлика за пензиите
Мицкоски оцени дека актуелната Влада за нешто повеќе од две години направила повеќе за пензионерите отколку претходната за седум години.

Премиерот Христијан Мицкоски ја обвини опозицијата за лицемерие, тврдејќи дека преку свои експерти пред Уставниот суд се обидувала да го оспори зголемувањето на пензиите што го донесе актуелната Влада.
„Опозицијата преку свои експерти праќаше дописи и претставки до Уставниот суд за тоа што оваа Влада го зголеми за пензионерите, да им го одземе, да го враќаат назад. Тоа е лицемерието на денешната опозиција, којашто до пред некоја недела преку свои експерти се трудеше тоа што оваа Влада им го овозможи на пензионерите да им го одземе“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој направи споредба меѓу растот на пензиите во првите две години од мандатот на актуелната Влада и во периодот на претходната владејачка гарнитура.
Според Мицкоски, во првите две години од владеењето на СДСМ и ДУИ, пензиите биле зголемени за околу 540 денари, додека во првите 25-26 месеци од мандатот на актуелната Влада, просечната старосна пензија е зголемена за повеќе од 6.800 денари.
„Пред некој ден дадов изјава и реков дека разликата е 16 пати. Направив грешка, се извинувам 12,6 пати е разликата. Да бидеме попрецизни“, изјави премиерот.
Тој додаде дека зголемувањето на пензиите во актуелниот мандат, според него, е поголемо од она што претходните влади го направиле во седум години.
Мицкоски ги обвини СДСМ и ДУИ и за односот кон пензискиот систем во минатото, посочувајќи на укинувањето на одредени законски решенија и воведувањето на таканаречениот швајцарски модел.
„Нашите сограѓани се свесни за тоа што го направи оваа Влада и што направи претходната. Можат да направат јасна разлика“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека актуелните мерки не ги решаваат сите проблеми на пензионерите, но оцени дека нивната состојба е подобрена во однос на периодот кога на власт биле СДСМ и ДУИ.

