ТИВКИОТ УБИЕЦ НА СРЦЕТО МОЖЕ ДА НЕ ДАВА СИМПТОМИ Д-р Жан Митрев открива кога аортната стеноза станува опасна

Отежнато дишење, болка во градите, замор и губење на свеста не треба да се припишуваат само на возраста – бесплатен вебинар во живо на 14 септември од 11 часот.

ТИВКИОТ УБИЕЦ НА СРЦЕТО МОЖЕ ДА НЕ ДАВА СИМПТОМИ Д-р Жан Митрев открива кога аортната стеноза станува опасна
Фото: Принтскрин

Аортната стеноза може со години да се развива незабележливо, но кога ќе се појават првите симптоми, состојбата веќе може сериозно да го оптоварува срцето. За оваа честа срцева состојба, нејзините симптоми, ризиците и современите можности за лекување ќе се зборува на бесплатен вебинар во живо што Клиничката болница „Жан Митрев“ го организира в понеделник, 14 септември 2026 година, со почеток во 11:00 часот.

На вебинарот ќе говори доц. д-р Жан Митрев, FETCS, специјалист по општа хирургија и супспецијалист по кардиоваскуларна хирургија, заедно со тим специјалисти од областа на кардиологијата и кардиохирургијата.

Како настанува аортната стеноза?

Аортната стеноза претставува стеснување на аортната валвула, поради што се отежнува протокот на крв од срцето кон организмот. Срцето со текот на времето се приспособува на зголемениот напор, па болеста во почетокот може да помине без јасни симптоми.

Токму затоа, навремената дијагноза има големо значење за зачувување на функцијата на срцето и спречување на понатамошно влошување.

Овие симптоми не треба да се игнорираат

Отежнатото дишење, нелагодноста или болката во градите, краткотрајното губење на свеста и необјаснетиот замор може да бидат предупредувачки знаци.

Тегобите не треба автоматски да се припишуваат на возраста, физичката неактивност или заморот, особено доколку се појавуваат при физички напор или стануваат сè почести.

Кој има зголемен ризик?

Дел од ризик-факторите, начинот на кој се развива стеснувањето на валвулата, како и значењето на раното откривање ќе бидат меѓу темите на вебинарот.

Покрај доц. д-р Жан Митрев, на вебинарот ќе учествуваат и д-р Никола Христов, FEBTCS, специјалист по општа хирургија и супспецијалист по кардиоваскуларна хирургија, д-р Вилма Ампова Соколов и д-р Енвер Идоски, специјалисти по интерна медицина и супспецијалисти по кардиологија, како и д-р Горазд Коњановски, специјализант по кардиохирургија.

Современи можности за лекување

Медицинскиот тим ќе ги претстави современите можности за третман на аортната стеноза, со посебен акцент на значењето на правилната проценка на состојбата и изборот на соодветен пристап за секој пациент.

Во интерактивниот дел од вебинарот, учесниците ќе имаат можност директно да поставуваат прашања и да добијат стручни одговори од медицинскиот тим.

Бесплатно учество, со ограничен број места

Вебинарот ќе се одржи во понеделник, 14 септември, со почеток во 11:00 часот.

Учеството е бесплатно, но бројот на места е ограничен. Заинтересираните можат да се пријават преку официјалната страница:

https://webinar.zmc.mk/register-webinar

CATEGORIES
Share This