СКОПЈЕ ПОВТОРНО СТАНУВА КНИЖЕВЕН ЦЕНТАР НА БАЛКАНОТ – ПРО-ЗА Балкан“ по 14-ти пат

Познати писатели од регионот и Европа во Скопје, а престижната награда „Прозарт“ годинава оди кај српскиот писател Драган Великиќ

СКОПЈЕ ПОВТОРНО СТАНУВА КНИЖЕВЕН ЦЕНТАР НА БАЛКАНОТ – ПРО-ЗА Балкан“ по 14-ти пат
Фото: Принтскрин

Три фестивалски и четири дополнителни вечери ја сочинуваат програмата на 14. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, кој ќе биде отворен в недела, 13 септември, во 20 часот во Музејот на град Скопје.

Годинашното издание повторно носи значајни автори од Балканот и пошироко, а главната фестивалска награда „Прозарт“ ќе му припадне на српскиот писател Драган Великиќ, еден од најзначајните и најпреведуваните современи српски автори. Наградата ќе му биде врачена лично на свеченото затворање на 15 септември.

Покрај Великиќ, на фестивалот ќе учествуваат писатели и автори од Албанија, Бугарија, Словенија, Грција, Србија, Ирска и Велика Британија, како и македонскиот писател Блаже Миневски.

Меѓу гостите се албанската писателка Дијана Чули, бугарскиот писател и сценарист Николај Терзијски, словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара, филмскиот автор и продуцент Мајк Дауни, српската писателка Христина Радовиќ Андриќ и грчката психолог и авторка на детска литература Зиновија Василејади.

Богата дополнителна програма

„ПРО-ЗА Балкан“ годинава има и богата придружна програма, со филмска проекција, книжевни промоции, музички настапи и перформанси.

На 16 септември во Кинотеката, со почеток во 20 часот, ќе биде прикажан филмот „Устав на Република Хрватска“ во режија на Рајко Грлиќ. На проекцијата ќе присуствува продуцентот Мајк Дауни, со кого разговор ќе води писателот Александар Прокопиев.

На 17 септември во Europe House во Тетово ќе се одржи инклузивна промоција на сликовниците на Денис Јанкуловски, додека на 18 септември во кафе-бар „Саман“ ќе следува книжевно-музичкиот перформанс „Портрети“ со Александар Прокопиев и Бобан Здравковски Андреевски.

На 19 септември во кафе-бар „Цреша“ ќе се одржи концертна промоција на петтата поетска збирка „Пружини“ од Пијан Славеј, со настап на Hot Jazz Orchestra.

„Скопје фелоушип“ повторно ги поврзува издавачите од регионот

Во рамките на фестивалот по 13-ти пат ќе се одржи и програмата „Скопје фелоушип“, која ги поврзува издавачите, литературните агенти и професионалците од издавачкиот сектор од регионот.

Годинава во Скопје ќе гостуваат претставници од Грција, Бугарија и Албанија, кои ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи и домашни издавачки куќи.

Програмата е наменета за странски издавачи, литературни агенти, скаути, како и директори и програмски менаџери на книжевни фестивали.

„ПРО-ЗА Балкан“ е првиот фестивал во поширокиот регион што воспоставил ваква програма, а годинава „Скопје фелоушип“ одбележува 13 години постоење.

Сите настани во рамките на фестивалот се со слободен влез.

Организатор на „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Делегацијата на Европската Унија и Europe House, Амбасадата на Грција, Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Кинотеката и Музејот на град Скопје.

CATEGORIES
Share This