ТРОЈНА БИТКА ЗА БРВЕНИЦА – ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ДУИ ги открија кандидатите

Стојанчо Радичевски, Јакуп Хусеини и Аркин Јахији влегуваат во трката за градоначалник на вонредните избори закажани за 18 октомври.

ТРОЈНА БИТКА ЗА БРВЕНИЦА – ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ДУИ ги открија кандидатите
Фото: Принтскрин

ВМРО-ДПМНЕ на претстојните вонредни локални избори во Брвеница ќе настапи со Стојанчо Радичевски, чија кандидатура попладнево едногласно била поддржана на седница на Извршниот комитет на партијата. Радичевски е актуелен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и е магистер по граѓанско право. Од партијата велат дека очекуваат обединување на „сите прогресивни сили“ и поддршка за нивниот кандидат, со порака дека целта е убедлива победа и напредок на општината.

И ВРЕДИ ја официјализираше својата кандидатура за градоначалник на Брвеница. Партијата ќе настапи со Јакуп Хусеини, магистер по правни науки и актуелен државен службеник во Општина Брвеница. Од ВРЕДИ посочуваат дека неговото професионално искуство и работата во општината му овозможиле непосредно да ги запознае потребите и проблемите на жителите. Од партијата велат дека со Хусеини нудат кандидат кој може веднаш да се вклучи во работата и да преземе конкретни одговорности.

Демократската унија за интеграција на изборите во Брвеница ќе настапи со Аркин Јахији како кандидат за градоначалник.

Вонредните избори за градоначалник на Општина Брвеница се закажани за 18 октомври 2026 година. Изборите следуваат по смртта на дотогашниот градоначалник Ивица Илиевски, кој почина на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст.

CATEGORIES
Share This