СТИГНУВА М.УСЛУГИ Личната карта и возачката дозвола ќе ги носиме во телефон
Апликацијата е подготвена и се тестира, а официјално ќе биде промовирана во октомври. Нема да биде задолжителна за граѓаните.

Мобилната апликација м.Услуги е подготвена и во моментов е во фаза на тестирање, информираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Официјалната промоција пред граѓаните е најавена за октомври. Апликацијата ќе овозможи личните документи да се користат во електронска форма, а во почетната верзија ќе бидат достапни електронската лична карта и возачката дозвола, како и неколку услуги од јавната администрација.
Андоновски посочи дека целта е м.Услуги постепено да стане единствена платформа преку која граѓаните ќе имаат пристап до своите документи и државните услуги.
„Ја замислуваме како апликација што ќе ви биде потребна за сè што сакате да завршите, а е поврзано со државата. Во моментов постојат повеќе различни апликации и системи, а нашата цел е услугите за граѓаните да ги обединиме на едно место“, рече Андоновски.
Тој нагласи дека апликацијата нема да биде задолжителна, односно граѓаните и понатаму ќе можат да ги користат физичките документи.
Според министерот, м.Услуги е дел од проект вреден 1,5 милиони евра, реализиран во соработка со институции од Полска и Украина и со Европската Унија.
„Државата не ја плати изработката на апликацијата. Таа е изработена од македонски инженери, е македонски производ и останува во сопственост на државата“, изјави Андоновски.
Првата верзија, како што најави министерот, ќе продолжи да се надградува со нови услуги и функционалности. Крајната цел е до 2028 година м.Услуги да прерасне во европски дигитален паричник, што е предвидено и во Реформската агенда. Андоновски очекува со развојот на апликацијата Македонија да се најде меѓу првите петнаесетина европски држави со вакво дигитално решение.
Министерот посочи и дека сè уште има институции кои не ги прифаќаат електронските документи, иако тоа е нивна законска обврска. За институциите и правните лица кои нема да го почитуваат законот, најавени се казни и засилен надзор од надлежниот инспекторат.
„Оставивме доволно време и простор за приспособување, но сега мора да го почитуваме законот и да бидеме во чекор со светот“, нагласи Андоновски.
https://nacionalno.mk/od-oktomvri-lichna-karta-i-vozachka-na-telefon/

