ЗГОЛЕМЕН СООБРАЌАЈ, ПОВЕЌЕ ДЕЛНИЦИ СО ИЗМЕНЕТ РЕЖИМ – АМСМ со апел до возачите
Коловозите се суви, на границите нема подолги задржувања, но поради градежни работи внимателно на повеќе патни правци.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Надвор од градските средини интензитетот на сообраќајот е зголемен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат на внимателно управување, прилагодена брзина и почитување на сообраќајната сигнализација. Посебно внимание се препорачува на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде постои опасност од одрони.
Ризик од одрони има особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Изменет режим на повеќе делници
Поради реконструкција на граничниот премин Делчево, од 9 септември е воведен времен режим на сообраќај. Преминот ќе функционира непрекинато, а сообраќајот ќе се одвива нормално.
До 1 октомври изменет е режимот на сообраќај пред наплатната станица Преод, поради санација на косината на автопатот А4, на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип.
Времен режим е воспоставен и кај мостот на реката Брегалница на Р1204 во Штип, каде санацијата започна на 6 јули и ќе трае до завршување на работите.
Работи и на патот Гостивар – Стража
На државниот пат А2, на делницата Гостивар – Стража, се изведуваат санации на мостовите бр. 4 – Вијадукт на Атанасова Река и бр. 7 – Вијадукт на Дол. Поради градежните активности е воспоставен времен режим на сообраќај.
Времен режим има и на мостовите на А2 на реката Вардар кај село Желино, во двата правци, поради санација.
Ограничувања и на други патишта
На автопатот А1, делницата Смоквица – Гевгелија, се изведуваат активности за поставување интерконективен гасовод, поради што е воспоставена временска сообраќајна сигнализација.
На скопската обиколница (А2) се рехабилитира делница од 250 метри меѓу клучките Волково и Кондово. Затворена е левата лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по преостанатите две ленти.
Времен режим е во сила и на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, поради санација на свлечиште.
Во рамки на изградбата на Коридор 10Д, на патниот правец Прилеп – Битола сообраќајот се пренасочува по регионалниот пат, на делницата од клучката Лагово до Тополчани.
Отворен патот преку Галичица
Патниот правец Охрид – Ресен, преку Националниот парк Галичица, е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

