ШТО ИМА ДА СЕ СЛАВИ Бачев со жестока порака, Мицкоски повикува на зрелост, Филипче брани соживот
Она што останува неспорно е дека Охридскиот рамковен договор и по четвртина век продолжува да биде една од најчувствителните и најспорните точки во македонскиот политички и општествен живот.

По повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, лидерите на политичките партии со различни пораки се осврнаа на значењето и последиците од договорот, кој и по четврт век останува едно од најчувствителните прашања во македонското општество.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Рамковниот договор е дел од поновата македонска историја и од политичката и институционалната реалност на државата, нагласувајќи дека кон него треба да се гледа со зрелост, почит кон различните ставови и одговорност кон иднината. Според него, договорот граѓаните го доживуваат различно, но минатото не треба да се приспособува на дневната политика. Тој оцени дека иднината треба да се гради врз функционални институции, еднаквост пред законите, економски развој, подобар животен стандард и меѓусебна почит.
„Време е политиката сè помалку да се занимава со тоа што нè разделува, а многу повеќе со она што заеднички треба да го изградиме“, порача Мицкоски,
Тој додава дека Македонија има потреба од стабилна и сигурна држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, туку реалност со која институциите ќе управуваат одговорно.
Од друга страна, претседателот на СДСМ Венко Филипче оцени дека Охридскиот рамковен договор е темел на мирот, соживотот и демократската иднина на Македонија. Тој порача дека државата е заеднички дом на сите граѓани и дека различностите треба да бидат сила, а не причина за политички поделби.
Филипче ја обвини власта предводена од Мицкоски дека создава поделби, страв и омраза, посочувајќи ја и употребата на изразот „талог“ во политичкиот дискурс.
Според Филипче, Македонија треба да биде просперитетна и интегрирана европска држава во која секој граѓанин ќе се чувствува сигурен, а иднината ќе се гради врз соживот, еднаквост, правда и меѓусебно почитување.
Сосема поинакво гледиште изнесува лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, кој 13 август го оценува како тежок и трагичен датум за македонската држава. Тој смета дека со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во 2001 година Македонија претрпела суштинска политичка и уставна трансформација, при што, според неговото толкување, државата го изгубила карактерот на национална држава и се претворила во држава на заедници.
Бачев тврди дека последиците од договорот се гледаат преку зголемената етничка поделеност, партизацијата на институциите, начинот на спроведување на принципот на соодветна и правична застапеност, промените во локалната самоуправа и проширувањето на употребата на албанскиот јазик и образованието. Од партијата, исто така, сметаат дека дел од денешните состојби го надминуваат она што првично било предвидено со Рамковниот договор.
Од оваа перспектива, Бачев вели дека 25 години подоцна договорот не се доживува еднакво кај сите граѓани. Додека кај дел од Албанците се слави како симбол на политичко и институционално унапредување на нивните права, кај значителен дел од Македонците и припадниците на другите заедници тој се поврзува со фрустрации и чувство дека државата суштински е променета.
Оттаму го поставуваат и прашањето: што навистина има да се слави на 13 август?
Бачев нагалсува дека патриотските и државотворните сили имаат обврска Македонија да ја вратат кон, како што наведува, изворните илинденски и асномски принципи – држава во која сите граѓани ќе имаат еднакви права, но во која ќе биде зачуван државотворниот и национален карактер на македонската држава.
„Ние сме во политиката за да ги анулираме сите штетни договори кои се против интересите на македонскиот народ и држава“, порачува Бачев.
Тој нагласува дека Македонија ја сметаат за своја татковина и дом за кој, како што велат, ќе продолжат политички да се борат.
Така, 25 години по Охридскиот рамковен договор, 13 август повторно ја отвора истата суштинска дилема – дали договорот претставува темел на мирот, соживотот и демократската иднина, како што сметаат едни, или пресвртница со која е нарушен националниот и државниот карактер на Македонија, како што тврдат други.
Она што останува неспорно е дека Охридскиот рамковен договор и по четвртина век продолжува да биде една од најчувствителните и најспорните точки во македонскиот политички и општествен живот.

