МИЛИОНИ ЗА ПРОСЛАВА, А ЗНАМЕТО ПОГРЕШНО – СДСМ жестоко удри по владата на Мицкоски
Опозицијата бара Владата да открие кој ја изработил сценографијата, колку чинела прославата и кој ќе понесе одговорност за пропустот.

Остра реакција од СДСМ по официјалната државна прослава по повод 35 години од независноста на Македонија. Од опозициската партија обвинуваат дека на настанот, за кој велат дека бил платен со милионски суми од граѓаните, било прикажано погрешно македонското државно знаме.
Од СДСМ случувањето го оценуваат како „срамно и понижувачко“, обвинувајќи ја Владата на Христијан Мицкоски за неспособност при организацијата на државниот настан.
„Милиони евра народни пари троши владата на Мицкоски, а не успеа ниту македонското знаме да го направи како што треба“, велат од СДСМ.
Од опозицијата додаваат дека случајот, според нив, покажува дека власта е повеќе фокусирана на тендери и провизии отколку на државните симболи.
„Тендер патриотите повторно го покажаа своето лице. За тендери и провизии од милионски бизниси – тие се експерти. За македонското знаме аматери“, обвинуваат од СДСМ.
Од партијата бараат Владата да излезе пред јавноста и да даде одговори за организацијата на прославата.
Од СДСМ прашуваат која компанија била ангажирана за реализација на настанот, кој бил одговорен за сценографијата и визуелниот идентитет, колку средства биле потрошени и кој ќе преземе одговорност за, како што велат, „понижувањето на македонскиот државен симбол“.

