ЗА НЕГАТИВНИОТ СПОТ ЗАЕВ И ВЕНКО СЕ ВО ГЛАВНА УЛОГА – ВМРО-ДПМНЕ жестоко му одговори на Филипче
Од партијата велат дека СДСМ повторно застанува на „погрешната страна“ и прашуваат зошто на опозицијата ѝ пречи видеото за 35 години независност.

Жестока реакција од ВМРО-ДПМНЕ по критиките на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за видеото објавено по повод 35-годишнината од независноста на Македонија. Од владејачката партија обвинуваат дека СДСМ повторно избира да биде „на погрешната страна“ и прашуваат зошто на опозицијата ѝ пречи присуството на првиот претседател на независна Македонија во видеото.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека реакцијата на СДСМ е мотивирана и од фактот што во видеото нема содржини поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски, како и од обидите да се прават политички споредби за тоа кој колку придонел во изминатите 35 години независност.
„Ова е спот за дел од позитивните страни во овие 35 години. За негативните уште не е снимен, но таму Заев и Венко се во главна улога, а народот сето тоа го памети“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата го обвинуваат Филипче дека го политизира видеото и додаваат дека станува збор за содржина која, според нив, граѓаните ја препознаваат и прифаќаат како одбележување на независноста на државата.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека актуелното раководство на СДСМ нема капацитет да ја „види големата слика“ и да ги надмине партиските поделби кога станува збор за значајни државни датуми.
„Згрозени сме од нивото на политичка култура на Венко Филипче“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија додаваат дека повеќе нема да ја коментираат СДСМ, партија за која тврдат дека „го донесе најголемиот срам и криминал во овие 35 години“.

