ОД ОВАА ЕСЕН ДО 2029 ГОДИНА Американците предупредуваат на можен руски напад врз НАТО
Американските разузнавачки проценки предвидуваат можни сценарија од кибернапади до ограничен воен упад.

Рускиот претседател Владимир Путин во следните неколку години би можел да се обиде да ја тестира решителноста на НАТО преку ограничен напад врз една од членките на Алијансата, предупредуваат американските разузнавачки проценки, објавија американски медиуми, пренесува ДПА.
„Волстрит џурнал“ и Си-Ен-Ен се повикуваат на информации од американски разузнавачки извори, според кои можните сценарија се движат од сериозни кибернапади до ограничен воен упад на територија на членка на НАТО.
Според „Волстрит џурнал“, проценката на американските власти во меѓувреме е променета. Додека претходно се сметало дека Путин нема интерес да отвори нов фронт против НАТО додека Русија е ангажирана во војната во Украина, американските претставници сега оценуваат дека ризикот е поголем.
Еден од можните мотиви би бил обидот да се создаде поделба меѓу членките на Алијансата и да се тестира нивната подготвеност за заеднички одговор. Како едно од сценаријата се споменува и ограничен упад со припадници на руските сили во необележани униформи, кои би можеле привремено да заземат одредена територија.
Сепак, американските проценки укажуваат дека ваквото сценарио и понатаму има мала веројатност. Истовремено, ризикот би можел да се зголемува со текот на времето, а временскиот период во кој би можело да дојде до евентуален напад се проценува од оваа есен до 2029 година. Си-Ен-Ен наведува дека, доколку Москва се одлучи на каков било напад врз НАТО, меѓу најизложените би биле балтичките држави и Полска.
Дополнителна загриженост доаѓа од Литванија. Тамошната воена разузнавачка служба неодамна објави информации според кои Москва можеби разгледува сценарија за напади врз критичната инфраструктура во балтичките држави, при што би можеле да се користат украински беспилотни летала.
Американските проценки, сепак, не значат дека напад врз НАТО е неизбежен, туку укажуваат на потенцијален развој на ризиците доколку продолжи конфликтот во Украина и се продлабочи конфронтацијата меѓу Русија и Западот.

