КАРПАЛАК 25 ГОДИНИ ПОДОЦНА Кој знаел дека конвојот е во опасност? Единствена Македoнија бара парламентарна истрага

Единствена Македонија бара парламентарна расправа и тврди дека постојат оперативни документи кои укажуваат дека трагедијата можела да биде избегната.

КАРПАЛАК 25 ГОДИНИ ПОДОЦНА Кој знаел дека конвојот е во опасност? Единствена Македoнија бара парламентарна истрага
Фото: Принтскрин

По повод денешното одбележување на 25 години од трагедијата кај Карпалак, Единствена Македонија повторно повикува – време е конечно да се каже вистината.

Четврт век подоцна, Карпалак останува неразјаснет случај. Ниту еден државен орган не спроведе целосна истрага со која би се утврдило што навистина се случило со загинувањето на македонските бранители.

Во архивите на Службата за државна безбедност постојат два оперативни документа кои, според сознанијата со кои располага Единствена Македонија, укажуваат дека трагедијата можела да биде избегната доколку навреме биле преземени службените мерки за заштита на конвојот. Сознанија имало, но, како што тврди партијата, не било постапено.

Единствена Македонија повикува кој било од 120-те пратеници, како овластен предлагач согласно Уставот и Деловникот на Собранието, да побара на собраниска седница расправа за целосно испитување на настаните кај Карпалак. Нашата партија е подготвена да учествува во расправата и да ги презентира клучните податоци со кои располага.

Веруваме дека ќе се најде пратеник кој ќе иницира парламентарна дебата за овој случај, во кој македонските бранители ги загубија животите бранејќи го територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

Случајот „Карпалак“ е прашање од национален интерес – не само за семејствата и роднините на загинатите, туку и за цела Македонија. Не можеме да чекориме напред ако минатото продолжува да нè прогонува, а трагичната загуба останува неразјаснета.

Единствена Македонија нема да заборави и до крај ќе се залага да се утврди вистината – како, од кого и зошто бранителите биле испратени во заседа.

Загинаа за одбрана на Македонија – вечна слава на хероите:

Нане Наумоски (48), Сашо Китаноски (39), Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29), Марко Деспотоски (27), Ердован Шабаноски (20), Љубе Грујоски (31), Дарко Велјаноски (27), Веби Рушитоски (26) и Пеце Секулоски (29), кои ги положија животите кај Карпалак на 8 август 2001 година.

CATEGORIES
Share This