ДОБРИ ВЕСТИ ЗА ГРАЃАНИТЕ Акумулациите се полни 70%, Божиновска уверува во стабилно снабдување со струја
Министерката за енергетика вели дека актуелната состојба овозможува сигурно управување со хидропотенцијалот, а институциите будно го следат електроенергетскиот систем за да обезбедат непречено снабдување за домаќинствата и стопанството.

Министерката за енергетика Сања Божиновска информираше дека домашните акумулации во моментов се исполнети околу 70 проценти, оценувајќи дека тоа претставува солидна основа за сигурно управување со хидропотенцијалот и стабилно функционирање на електроенергетскиот систем.
Според неа, моменталната состојба овозможува непречено производство на електрична енергија, додека надлежните институции континуирано ја следат состојбата со акумулациите и енергетскиот сектор со цел навремено да реагираат доколку има потреба.
Божиновска нагласи дека Министерството за енергетика, заедно со надлежните енергетски компании, и во наредниот период ќе продолжи внимателно да ги следи сите параметри и редовно да ја информира јавноста за состојбите во системот.
„Домашните акумулации се исполнети околу 70 проценти, што овозможува сигурно управување со хидропотенцијалот и стабилно функционирање на електроенергетскиот систем. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме состојбата и навремено да ја информираме јавноста, со цел стабилно, сигурно и одржливо снабдување со електрична енергија за граѓаните и стопанството“, изјави Божиновска.
Таа потенцираше дека главен приоритет останува обезбедувањето сигурно и одржливо снабдување со електрична енергија, преку одговорно управување со домашните енергетски ресурси и постојано следење на состојбите во енергетскиот систем.

