ПРЕГАЗИ ЖЕНА ВО СКОПЈЕ И ИЗБЕГА Полицијата го пронајде 19-годишниот возач

48-годишна скопјанка се здобила со тешки телесни повреди, а 19-годишниот возач по налог на обвинител е приведен и задржан во полициска станица.

ПРЕГАЗИ ЖЕНА ВО СКОПЈЕ И ИЗБЕГА Полицијата го пронајде 19-годишниот возач
Фото: Принтскрин

Деветнаесетгодишен жител на Скопје е приведен под сомнение дека предизвикал тешка сообраќајна несреќа во која тешко повредил пешак, а потоа избегал од местото на настанот, информира Министерството за внатрешни работи.

Според полициските информации, несреќата се случила на 5 август, околу 21:20 часот, на крстосницата меѓу улиците „Борис Сарафов“ и „Крсто Раковски“. Осомничениот Н.Н. (19), управувајќи патничко возило „Фиат Пунто“, удрил во 48-годишната А.С.К. од Скопје.

Наместо да застане и да ѝ помогне на повредената, возачот го напуштил местото на несреќата.

Жената со возило на Итната медицинска помош била пренесена во Градската општа болница „8 Септември“, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.

По извршениот увид, полициските службеници започнале интензивна потрага по возачот и возилото. По насоки на надлежен јавен обвинител, осомничениот бил лишен од слобода и задржан во полициска станица, додека автомобилот е одземен за понатамошно вештачење.

Од МВР соопштуваат дека по целосното расчистување и документирање на случајот, против 19-годишникот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

CATEGORIES
Share This