ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА БАРА ОТВОРАЊЕ НА ЦЕЛОТО ДОСИЕ НА СТОИЛКОВИЌ Јавноста мора да ја дознае целата вистина

Партијата бара целосно преиспитување на политичкото и безбедносното минато на Иван Стоилковиќ, вклучително и отворање на досиејата на тајните служби.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА БАРА ОТВОРАЊЕ НА ЦЕЛОТО ДОСИЕ НА СТОИЛКОВИЌ Јавноста мора да ја дознае целата вистина
Фото: Принтскрин

Единствена Македонија смета дека вчерашната информација за контакти на Иван Стоилковиќ со БИА не смеат да бидат предмет на селективен интерес. Ако веќе се отвора ова прашање, тогаш истрагата мора да оди многу подлабоко и да го опфати целокупното негово политичко и безбедносно минато.

Јавноста има право да дознае како Иван Стоилковиќ од деведесеттите години на минатиот век се изгради во политички фактор, како го презеде лидерството на српската партија, како со години беше коалициски партнер на СДСМ, како подоцна политички се префрли кон ВМРО-ДПМНЕ и, пред сè, какви биле неговите релации со домашните безбедносни структури. Оперативните документи што ја расветлуваат оваа тема, мора да станат достапни за јавноста.

Во македонската јавност постојано се зборува за т.н. Втор протокол и обврската за внесување на Бугарите во Уставот, но се премолчува уште една важна обврска -отворањето на досиејата на тајните служби. Токму таму можат да се најдат одговорите на многу прашања, не само за Иван Стоилковиќ, туку и за бројни политички кариери градени во изминатите три децении.

За Единствена Македонија особено значаен е периодот од 2018 и 2019 година, кога се водеше битката против Преспанскиот договор и референдумот. Во Националниот блок „Македонија – Бојкотира“, предводен од Единствена Македонија, беа обединети партијата и 83 македонски здруженија од земјата и странство.

Тогаш, Стоилковиќ активно кодошел и конструирал приказни за различни центри на влијание. Меѓу нив особено се издвојуваат Руската амбасада, но и тогашниот опозициски лидер Христијан Мицкоски – од различни причини и со различни мотиви. Во амбасадата од едни причини а кај Мицкоски од сосема други причини или народски кажано со лигавење пласирајќи му лажни приказни вклучително и за претседателот на Единствена Македонија.

Сепак, тие обиди не вродија со плод. Националниот блок „Македонија – Бојкотира“ успеа да ја порази политиката на тогашната власт предводена од Зоран Заев. Но, очигледно е дека политичкото додворување кон Мицкоски со лажни приказни подоцна му донесоа награда, па по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт Иван Стоилковиќ доби политичка функција.

Затоа, вистинското прашање не е само „чиј човек е Иван Стоилковиќ денес“, туку и што правел во текот на деведесеттите години, со кого комуницирал, кому му доставувал информации и зошто токму во најважните години за македонските национални интереси – 2018 и 2019 пласирал конструкции и лажни приказни.

Воедно, мора да престане манипулацијата дека секоја критика кон Иван Стоилковиќ претставува напад врз Србите во Македонија. Тоа е стара матрица на политичка манипулација и личниот и политички интерес да се претставува како национален интерес на цела една етничка заедница.

Иван Стоилковиќ не е синоним за Србите во Македонија. Тој не може да се крие зад српската заедница секогаш кога ќе се постави прашање за неговото политичко дејствување. Најдобриот одговор за неговата улога можат да го дадат токму Србите што живеат во Македонија. Доволно е секој да ги праша што мислат за неговото долгогодишно политичко работење.

Стоилковиќ е Србин по професија за личен интерес. Ако навистина е толку голем борец за правата и интересите на Србите во Македонија, тогаш останува едно едноставно прашање: зошто токму меѓу Србите, во чие име настапува, речиси никогаш нема да слушнете искрени пофалби за неговото политичко дејствување?

Единствена Македонија смета дека дојде време да се отворат сите досиеја, да се расчистат сите дилеми и јавноста конечно да ја дознае целата вистина, без селективност и без политички привилегирани личности.

CATEGORIES
Share This