ШОКАНТНИ БРОЈКИ Македонија останува без 4.900 првачиња
Иако уписите сè уште траат, министерката вели дека најмалку 3.000 деца помалку ќе тргнат во прво одделение, а демографскиот пад ќе продолжи и следната година.

Новата учебна 2026/2027 година ќе започне со значително помал број ученици во основните училишта, откако е регистриран драстичен пад на бројот на запишани првачиња во споредба со минатата година. Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, станува збор за сериозен демографски проблем кој веќе силно се одразува врз образовниот систем.
Таа истакна дека бројките сè уште не се конечни бидејќи процесот на запишување продолжува, но и покрај тоа намалувањето ќе биде значително.
„Бројот не е дефинитивен затоа што уште ќе се запишуваат деца, дел од нив сè уште не се пријавени. Се надевам дека таа бројка ќе се намали, но моментално е страшно голема ако се земе предвид демографската состојба. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, годинава има околу 4.900 првачиња помалку отколку лани. Колку и да се запишат до почетокот на учебната година, ќе имаме најмалку 3.000 првачиња помалку. Очекуваме овој тренд да продолжи и следната година, што е навистина поразително за државата“, изјави Јаневска.
Таа нагласи дека Владата го смета демографскиот пад за едно од најсериозните прашања и дека Министерството за образование работи на подобрување на условите во училиштата со цел младите семејства да останат во земјата.
Во однос на средното образование, Јаневска посочи дека бројките сè уште не се конечни, бидејќи претстои третиот уписен рок, а таму намалувањето на бројот на ученици е помалку изразено.
Министерката информираше и за напредокот во воведувањето на едносменската настава. Според неа, овој модел веќе е воспоставен во повеќе од 200 училишта низ државата, при што најголем напредок има во Кавадарци, Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Штип.
„Процесот многу побрзо се реализира во внатрешноста. Најголем предизвик остануваат скопските општини, каде што има најголема концентрација на население. Затоа подготвуваме проекти за доградба на нови училници, со што ќе создадеме услови за целосно воведување на едносменската настава. Целта е до крајот на мандатот овој модел да биде применет во сите училишта во државата“, порача Јаневска.

