ОД КЕН ЛОУЧ ДО ТАРКОВСКИ Струмица пет дена ќе живее во знакот на филмот
Почнува 21. АСТЕРФЕСТ со богата меѓународна програма, натпреварувачки филмови, специјални проекции и доделување на фестивалските награди.

Под мотото „Со отворени очи“, од 4 до 8 август во Струмица ќе се одржи 21. издание на Меѓународниот филмски фестивал АСТЕРФЕСТ, со богата програма од кратки и долгометражни филмови, специјални проекции, филмска литература и мини-работилница. Фестивалот ќе биде отворен вечерва, 4 август, во 20:30 часот во Амфитеатарот во Струмица. Во рамки на првата натпреварувачка програма ќе бидат прикажани 11 кратки филмови од Канада, Франција, Велика Британија, Мозамбик, Данска, Јужна Кореја, Грузија, Унгарија, Палестина, Кина, Хонгконг, Грција, Германија, Мексико и Шпанија.
Првата фестивалска вечер ќе заврши со специјалната проекција на документарниот филм „Версус: Животот и филмовите на Кен Лоуч“ на британскиот режисер Луис Осмонд. Програмата е предвидено да трае до полноќ. На 5 август, во 11 часот, ќе се одржи Тивериополската филмска посета на манастирот во Вељуса. Вечерната програма започнува во 20:30 часот со вториот дел од натпреварувачките кратки филмови.
На програмата се седум филмови, меѓу кои „Крајолици на човештината“ на Јана Хунтерова, копродукција на Чешка, Македонија и Велика Британија, „Остров“ на Бранко Костески и „Неми филмови“ на Крсте Господиновски од Македонија, како и остварувања од Полска, Велика Британија, Русија и Бугарија. Вечерта ќе биде прикажан и долгометражниот филм „Железна тврдина“ на Митко Панов, копродукција на Македонија, Швајцарија и САД, со времетраење од 105 минути.
На 6 август, во 11 часот во Младинскиот центар во Струмица, ќе се одржи придружна програма со промоција на филмски книги и мини-работилница. Во вечерниот термин, од 20:30 часот во Амфитеатарот, ќе бидат прогласени добитниците на наградите на жирито на 21. АСТЕРФЕСТ. По доделувањето на наградите ќе следува проекција на филмот „Филм до вжештување“ на српскиот режисер Дарко Бајиќ, во траење од 80 минути.
Фестивалската програма продолжува на 7 август со специјална проекција на култниот долгометражен филм „Жртвопринесување“ на познатиот руски режисер Андреј Тарковски. Филмот, копродукција на Шведска и Франција, трае 149 минути. АСТЕРФЕСТ ќе биде затворен на 8 август во 20:30 часот со проекција на петте наградени кратки филмови од годинашното издание.
Сите филмски проекции од 4 до 8 август ќе се одржуваат во Амфитеатарот во Струмица. Во случај на неповолни временски услови, проекциите ќе бидат префрлени во Домот на АРМ.

