БУЏЕТОТ СЕ ПОЛНИ За седум месеци државата собра над 204 милијарди денари
Приходите се зголемени за 9,3 проценти, даночната наплата за 10 проценти, а капиталните инвестиции бележат раст од 39,6 проценти.

Буџетските приходи во првите седум месеци од годинава се реализираат согласно планираното и бележат раст во однос на истиот период лани, информира Министерството за финансии. Заклучно со 31 јули, во државниот Буџет се слеале вкупно 204,553 милијарди денари, што претставува 53,9 проценти од годишниот план и раст од 9,3 проценти во споредба со првите седум месеци од 2025 година.
Најзначаен раст е забележан кај даночните приходи. Тие достигнале 117,963 милијарди денари, односно 55,33 проценти од планираниот износ, што е 10 проценти повеќе на годишно ниво. Највисока реализација има кај данокот на добивка, каде што се наплатени 16,687 милијарди денари, или 62,8 проценти од годишниот план. Во однос на лани, приходите по овој основ се зголемени за 20,6 проценти.
Од ДДВ се собрани 53,026 милијарди денари, додека приходите од персоналниот данок на доход изнесуваат 20,925 милијарди денари. Во истиот период, кон компаниите е извршен поврат на ДДВ во вредност од 23,333 милијарди денари. Раст бележат и капиталните инвестиции. Во првите седум месеци за оваа намена се реализирани 21,288 милијарди денари, што е 39,6 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Дополнително, 717 милиони денари се префрлени кон Развојната банка, со цел поддршка на домашниот бизнис-сектор. Од Министерството за финансии посочуваат дека државата навремено ги сервисира и обврските по основ на јавниот долг. Во периодот се исплатени 49,351 милијарда денари за стари долгови на странскиот пазар, 11,665 милијарди денари кон домашни кредитори и уште 308 милиони денари по основ на обврзници за денационализација.

