ДОМАТИ 120 ДЕНАРИ НА ПАЗАР, 50 ВО МАРКЕТ Големи разлики во цените на сезонските производи
Праските, нектарините, сливите и пиперките исто така се поевтини во дел од маркетите отколку на скопските пазари.

Некогаш важеше непишаното правило дека за најевтино овошје и зеленчук треба да се оди на пазар. Денес, тоа правило сè почесто не важи. Споредбата на цените покажува дека маркетите за дел од сезонските производи нудат значително пониски цени од зелените пазари, а кај некои производи разликата достигнува и 50 денари за килограм. На скопските пазари, најповолни цени вообичаено се среќаваат на Зелениот пазар, додека поскапи се производите на Бит-пазар, Буњаковец и пазарот во Аеродром.
Праските и нектарините на пазарите најчесто се продаваат за 60 до 70 денари за килограм, сливите се движат од 60 до 70 денари, додека кајсиите достигнуваат и до 100 денари. Килограм грозје чини меѓу 70 и 80 денари. Кај зеленчукот разликите се уште позабележителни. Доматот „јабучар“ на одредени тезги достигнува цена и до 120 денари за килограм, благата пиперка се продава за околу 100 денари, краставиците се околу 40 денари, а лубеницата чини околу 20 денари за килограм.
Но, во маркетите сликата е поинаква. Доматите може да се најдат за околу 50 денари за килограм, благата пиперка за 65 денари, праските и нектарините за околу 60 денари, сливите за 55 денари, а лутата пиперка за 50 денари. Тиквичките, пак, се продаваат за само 20 денари за килограм. Најголема разлика има кај доматите – во некои случаи цената во маркетите е речиси двојно пониска од онаа на пазарите. Значителни отстапувања има и кај пиперките, праските и нектарините.
Економските аналитичари ваквата состојба ја објаснуваат со поголемата куповна моќ на големите трговски синџири. Тие набавуваат големи количини производи и често организираат промотивни акции, што им овозможува да понудат пониски и поконкурентни цени. Од друга страна, земјоделците укажуваат дека растот на производствените трошоци директно влијае врз цените. Поскапите ѓубрива, горивото, наводнувањето и работната сила се дел од трошоците што се одразуваат врз крајната цена на овошјето и зеленчукот.
Иако маркетите моментално се поевтини за дел од сезонските производи, зелените пазари и понатаму имаат свои предности. Потрошувачите ги избираат поради свежината, домашното производство и можноста лично да го одберат производот. Сепак, споредбата на цените покажува дека старото правило „на пазар е најевтино“ повеќе не важи секогаш.

