ТРАМП ГО ОТКАЧИ ИНФАНТИНО Шефот на ФИФА бара спас откако му пропадна милијардерскиот план

Инфантино наводно се обидува да добие поддршка од администрацијата на Трамп, додека во ФИФА расте отпорот против неговото раководење и пропаѓа планот за комерцијален договор вреден повеќе од четири милијарди долари.

ТРАМП ГО ОТКАЧИ ИНФАНТИНО Шефот на ФИФА бара спас откако му пропадна милијардерскиот план
Фото: Принтскрин

Зарем Џани Инфантино навистина веруваше дека со Доналд Трамп може да се направи договор и дека тој договор ќе биде почитуван? И што очекуваше кога влезе во своевиден „дил“ со првиот човек на САД? Сега, според тврдењата на „Њујорк пост“, претседателот на ФИФА се обидува по секоја цена да добие поддршка од администрацијата на Трамп, откако неговиот план за продажба на дел од комерцијалните права на Светското првенство на приватен инвестициски фонд пропадна.

„Њујорк пост“ објави дека Инфантино договорил приватна средба со американскиот државен секретар Марко Рубио, со цел да разговара за тоа како фудбалот би можел да биде искористен како форма на „мека моќ“ на САД.

„Тој сакаше да го контактира секретарот и да разговара за тоа како фудбалот може да послужи како форма на мека моќ за Америка“, изјавил извор за „Пост“.

Друг извор, пак, оценил дека зад обидот за средба се крие пред сè борбата на Инфантино за сопственото политичко преживување во ФИФА.

„На сите им е јасно дека сето ова се однесува на зачувување на неговата позиција. Ништо друго не е важно во овој момент“, навел изворот.

Според истите наводи, 56-годишниот Инфантино се чувствува „изолиран“ по серијата негативни медиумски извештаи и бара влијателни сојузници кои би застанале јавно зад него.

Сепак, од американската администрација пристигна демант. Помошникот државен секретар на САД, Дилан Џонсон, ги отфрлил тврдењата дека Рубио планира средба со првиот човек на ФИФА, наведувајќи дека „нема планови државниот секретар Марко Рубио да се сретне со Инфантино“. Во меѓувреме, изворите на „Пост“ тврдат дека Инфантино од петокот постојано се обидувал телефонски да стапи во контакт со Трамп, откако пропаднал неговиот план за продажба на комерцијалните права.

Станува збор за план со кој Инфантино сакал да ги издвои правата за емитување, спонзорство, лиценцирање и билети во нова структура. Идејата, според медиумските извештаи, била блокирана поради противењето на фудбалските асоцијации од повеќе земји. Пропаѓањето на планот предизвика сериозни потреси во ФИФА и отворен бунт против раководството на Инфантино.

Еден функционер на ФИФА за „Њујорк пост“ тврди дека дел од неговите колеги сакале да го отстранат претседателот како дел од акцијата што, според нив, ја нарекле „Проект: Убиј го чудовиштето“.

Дополнителен удар за Инфантино дојде од директорот за операции на ФИФА, Кевин Ламур. Тој за „Асошиејтед прес“ изјавил дека се чувствувал „измамен“ од потезите на претседателот, додавајќи дека не бил информиран за тајните преговори. Планот предвидувал формирање нова подружница, „ФИФА Форвард Ентерпрајз“, која би управувала со комерцијалните операции на организацијата.

Инвестицискиот фонд „Трајв Капитал“, предводен од Џош Кушнер, помладиот брат на зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, требало да преземе 20 отсто од акциите за нешто повеќе од четири милијарди долари. Планот, за кој првично известуваше „Тајмс оф Лондон“, предизвика незадоволство кај фудбалските лидери ширум светот, кои тврдат дека за него дознале преку медиумите.

Така, наместо големата финансиска трансакција и зајакнување на својата позиција, Инфантино се соочи со спротивното – отпор од фудбалските федерации, незадоволство во сопствените редови и обиди за политичка поддршка од Вашингтон. А во моментот кога му е најпотребна помош, според извештаите, Трамп не му одговара на телефонските повици.

ИНФАНТИНО ВО ГОЛЕМА НЕВОЛЈА – УЕФА бара одговорност, „ниедна опција не е исклучена“

CATEGORIES
Share This