ИНФАНТИНО ВО ГОЛЕМА НЕВОЛЈА – УЕФА бара одговорност, „ниедна опција не е исклучена“
УЕФА го поздрави повлекувањето на предлогот за приватен капитал, но порача дека довербата во раководството на ФИФА е сериозно нарушена.

Кога се чинеше дека ништо не може да го спречи Џани Инфантино следниот март да добие нов мандат на чело на ФИФА, претседателот на светската фудбалска организација направи потег што сериозно ја разниша неговата позиција. Контроверзниот план за отворање на дел од комерцијалните права на Светското првенство кон приватни инвеститори предизвика силни реакции во фудбалскиот свет. Инфантино преку предлогот ветуваше огромен финансиски пакет за националните федерации, но наместо поддршка, идејата наиде на жесток отпор.
Иако под притисок Инфантино се повлече од планот, очигледно штетата веќе е направена. Најсериозниот удар доаѓа од УЕФА, која не се задоволува само со отповикување на спорниот предлог, туку отворено бара да се утврди кој стои зад него и кој треба да понесе одговорност. Европската фудбалска унија го поздрави повлекувањето на планот, но во остро формулирана реакција порача дека начинот на кој предлогот бил подготвен и претставен е неприфатлив.
Од УЕФА велат дека повеќе не може да се продолжи со „тајни планови“ кои се носат набрзина и без доволно транспарентност, а дополнително поставуваат прашање за тоа кој ја сноси одговорноста. Организацијата предводена од Александар Чеферин најави дека заедно со другите континентални конфедерации ќе спроведе детална анализа за тоа како било можно ваква иницијатива да стигне толку далеку.
Особено внимание привлекува пораката дека „ниедна опција не треба да се исклучува однапред“, што отвора простор и за можни политички и институционални последици за актуелното раководство на ФИФА. УЕФА смета дека раководството на ФИФА веќе ја загубило довербата не само во Европа, туку и кај значителен дел од пошироката фудбалска заедница.
Во меѓувреме, УЕФА најави дека веднаш ќе започне консултации со партнери и засегнати страни ширум светот со цел да предложи нов механизам за распределба на средствата преку постојната програма ФИФА Форвард. Инфантино тврдеше дека доколку неговиот план биде прифатен, од 1 јануари 2027 година би се активирал финансиски пакет вреден околу 8,7 милијарди евра. За споредба, актуелната програма „ФИФА Форвард“ располага со околу 2,7 милијарди долари, а таа би продолжила да функционира доколку новиот предлог биде отфрлен.
Она што до неодамна изгледаше како речиси сигурен нов мандат за Инфантино, сега добива сосема поинаква политичка и институционална димензија. Прашањето веќе не е само дали спорниот план е повлечен, туку кој ќе понесе одговорност за неговото предлагање и дали кризата на доверба може да ја доведе во прашање иднината на Инфантино на чело на ФИФА.

