ТРАМП СО СТРАШНА ПОРAКА ДО ИРАН Ќе ви дадам шанса пред да им бидат отсечени главите
Американскиот претседател тврди дека разговорите со Техеран се во тек, но предупредува дека времето за договор истекува.

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран има „последна шанса“ да постигне договор со САД, додека истовремено предупреди дека Вашингтон е подготвен за уште посилна воена акција доколку преговорите не дадат резултат. Во обраќање пред новинарите во Белата куќа во понеделникот, Трамп изјави дека разговорите меѓу САД и Иран „се одвиваат токму сега“ и дека се движат брзо во една или друга насока, пренесе „Sky News“.
Трамп повтори дека САД се подготвени да извршат воен напад врз Иран, кој, според неговите зборови, би бил „посилен од кој било воен напад од Втората светска војна“. Сепак, тој претходно наредил американската војска да не презема напад додека се остава простор за дипломатско решение.
Американскиот претседател се осврна и на состојбата во Хормускиот теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на енергенси. Тој порача дека Иран нема да може да наплаќа патарини за преминот низ теснецот и тврди дека САД имаат целосна контрола врз неговото функционирање.
„Ако некој ќе наплаќа патарини, тоа ќе го направиме ние. Имаме целосна контрола. Имаме нешто што се нарекува блокада, челичниот ѕид на САД“, изјави Трамп.
Трамп додаде дека сака да му даде на Иран можност за преговори пред ситуацијата да ескалира.
„Сакам да им дадам секоја шанса пред да им бидат отсечени главите“, рече американскиот претседател.
Претходно во понеделникот, Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“ го обвини иранското раководство за, како што наведе, дволичност во односите со Вашингтон. Тој тврди дека иранските власти во еден момент бараат средба и започнуваат разговори, а потоа јавно негираат дека има директни преговори со САД. Трамп повторно го истакна и својот став дека Иран нема да биде дозволено да поседува нуклеарно оружје.
Според него, САД всушност работат на решавање на проблемите што Техеран ги предизвикувал во изминатите децении. Американскиот претседател исто така порача дека ништо нема да помине кон Иран преку Ормускиот теснец доколку Вашингтон не го одобри тоа, сè додека не биде постигнат договор или Иран не се согласи на целосно предавање.
Од друга страна, иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека во изминатите осум дена Иран и Оман воделе, како што ги опиша, „конструктивни разговори“ за воспоставување нов режим на пловидба низ Хормускиот теснец. Предлогот предвидува единствен коридор со утврдени насоки за влез и излез на бродовите, наместо повеќе одделни пловни рути. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеј, сепак порача дека евентуален договор со Оман нема да биде доволен за повторно отворање на теснецот.
„Ништо нема да се промени во Хормуз додека Вашингтон продолжува со својата агресија и поморска блокада“, изјави Багеј.
Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран продолжуваат да растат, а исходот од евентуалните разговори би можел директно да влијае и врз безбедноста на една од најзначајните светски поморски рути.

