ЗЕЛЕНСКИ ПОВЛЕЧЕ НЕОЧЕКУВАН ПОТЕГ Ја разреши амбасадорката во САД, најави „Карпатска иницијатива“
Украинскиот претседател најави нов регионален формат со ЕУ и повеќе европски земји, меѓу кои ја спомена и Србија – фокусот ќе биде на безбедноста, економијата и обновата на Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја разреши Олга Стефанишина од функцијата амбасадор на Украина во Соединетите Американски Држави. Уредбата за нејзиното разрешување е објавена на официјалната веб-страница на претседателот на Украина, а информацијата ја пренесува украинската агенција „Укринформ“. Стефанишина беше назначена за украинска амбасадорка во САД на 27 август 2025 година. Пред тоа ја извршуваше функцијата специјален претставник за развој на соработката со САД, а претходно беше вицепремиерка на Украина задолжена за европска и евроатлантска интеграција.
Во истиот период Зеленски најави дека Украина наесен ќе ја покрене таканаречената „Карпатска иницијатива“, во соработка со Европската Унија и повеќе европски земји кои имаат заеднички економски и безбедносни интереси поврзани со Карпатскиот регион. Меѓу земјите што ги спомена украинскиот претседател се Романија, Австрија, Србија, Унгарија, Полска, Чешка и Словачка. Зеленски рече дека во моментов се разговара за датумот на официјалното воспоставување на форматот и дека од Европската Унија веќе бил добиен позитивен сигнал. Според него, иницијативата би опфаќала соработка во повеќе области, меѓу кои финансии, туризам, економија, безбедност, логистика и идната обнова на Украина.
„Карпатската иницијатива“ би требало да биде поширока од самите украински Карпати, односно да ги поврзе земјите кои имаат заеднички интереси преку Карпатскиот регион. Зеленски објасни дека идејата произлегла од потребата за создавање нови форми на соработка со земји кои можеби не се подготвени да ѝ помогнат на Украина со оружје, но сакаат да учествуваат во хуманитарната, безбедносната и економската поддршка.
Украинскиот претседател оцени дека интересот на соседните и европските земји за идната обнова на Украина претставува и сигнал дека тие веруваат во нејзината иднина и во воспоставувањето траен мир. Зеленски наведе дека идејата за иницијативата веќе им ја претставил на претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, од каде, според неговите зборови, добил позитивни реакции.

