3.360 ЕВРА ЗА КВАДРАТ Цените на становите во Македонија продолжуваат да дивеат
Рекордни цени во Скопје и Охрид, додека пазарот на недвижности бележи силен раст и покрај сè послабата достапност за граѓаните.

Цените на становите во Македонија продолжуваат да растат, а најскапите квадратни метри достигнуваат рекордни суми. Во вториот квартал од 2026 година, квадрат во новоградба во центарот на Скопје достигнал 3.360 евра, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини.
Најскапиот нов стан продаден од инвеститор бил во Општина Центар – 50 квадратни метри за 168.000 евра. Кај староградбата, рекордната цена е регистрирана во Охрид, каде стан од 66 квадратни метри е продаден за 211.200 евра, односно 3.200 евра за квадрат.
Пазарот на недвижности бележи силен раст. Во периодот април-јуни се регистрирани 8.369 купопродажби и закупи, за 7,9 проценти повеќе од првиот квартал, додека вредноста на трансакциите достигнала 351,7 милиони евра, што е раст од 27,3 проценти.
Особено расте продажбата на новоградбите. Од инвеститори се продадени 943 станови, 32 проценти повеќе од претходниот квартал. Најактивен пазар е Општина Аеродром со 297 продадени станови. Во меѓувреме, во Катастарот се евидентирани 28.352 листови за предбележување на градба, што укажува на значителна нова понуда во наредниот период.
Растот на цените повторно го отвора прашањето дали куповната моќ на граѓаните може да го следи забрзаното поскапување на недвижностите, особено во Скопје и Охрид.

