НЕПОЗНАТИ ПРИКАЗНИ, РЕТКИ СНИМКИ И ЛЕГЕНДАРНИ БЕНДОВИ Македонскиот рок претставен во Загреб

Тошо Филиповски со аудио-визуелна презентација ја раскажа приказната за повеќе од шест децении македонска рок музика – од почетоците во 60-тите до денес.

НЕПОЗНАТИ ПРИКАЗНИ, РЕТКИ СНИМКИ И ЛЕГЕНДАРНИ БЕНДОВИ Македонскиот рок претставен во Загреб
Фото: Принтскрин

Пред многубројна публика во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб се одржа аудио-визуелното предавање „Историја на македонската рок музика“ на Тошо Филиповски, посветено на развојот на македонската рок музика и рок култура. Настанот предизвика голем интерес кај публиката, која покрај предавањето имаше можност да ја разгледа и изложбата посветена на македонската рок сцена. На вечерта присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, локални и државни институции, гости од културниот живот, како и бројна публика.

На почетокот на настанот, директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, им се обрати на присутните и го претстави гостинот на вечерта, Тошо Филиповски. Таа се осврна на неговото долгогодишно истражување, документирање и афирмирање на македонската рок музика, нагласувајќи дека неговата повеќедецениска работа претставува значаен придонес кон зачувувањето на современото македонско музичко наследство и колективната културна меморија.

На присутните им се обрати и амбасадорот на Република Македонија во Република Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, кој им посака добредојде и ја истакна улогата на Македонскиот КИЦ во Загреб во промоцијата на македонската култура во Хрватска. Тој посочи дека преку ваквите културни програми КИЦ-от успешно ја исполнува својата мисија како промотор на македонската култура и културната дипломатија, придонесувајќи за продлабочување на културните врски и пријателството меѓу Македонија и Хрватска.

Преку богата аудио-визуелна презентација, со ретки фотографии, видеоснимки, музички записи и сведоштва, Филиповски ја претстави историјата на македонската рок сцена во период од повеќе од шест децении – од нејзините почетоци во 1960-тите години, па сè до современите текови.

Филиповски е автор на капиталните изданија „Македонска рок енциклопедија 1963–2018“, „Македонска дискографија – винили“ и „Македонски рок времеплов“, како и на монографиите „Мизар – Откровенија“ и „Суперхикс – Хроника на една гласна иронија“ и биографијата „ГОТРА“. Со својата долгогодишна работа како новинар, уредник, радио-водител, телевизиски автор, организатор на фестивали, издавач и промотор, тој создаде значајна документарна граѓа за македонската рок сцена и даде придонес во зачувувањето на нејзината историја и колективната меморија.

По гостувањето во Македонскиот КИЦ во Загреб, аудио-визуелната презентација продолжи и во Риека, Пула, Сплит и Дубровник, каде што публиката имаше можност да се запознае со богатото наследство на македонската рок музика и рок култура. Вечерта посветена на македонската рок музика се реализираше со поддршка од Министерството за култура и туризам.

CATEGORIES
Share This