ГАШИ ПОВТОРНО ГО ПРЕСКОКНА ИЛИНДЕН Наместо на Мечкин Камен, претседателот на Собранието замина во Египет

Втора година по ред Гаши не присуствуваше на централното одбележување на Илинден во Крушево – собраниската делегација ја предводеше Милошоски.

ГАШИ ПОВТОРНО ГО ПРЕСКОКНА ИЛИНДЕН Наместо на Мечкин Камен, претседателот на Собранието замина во Египет
Фото: Принтскрин

Втора година по ред претседателот на Собранието, Африм Гаши, не присуствуваше на централното одбележување на Илинден во Крушево. Иако годинава беше предвидено да присуствува на свеченоста на Мечкин Камен, собранискиот спикер наместо во Крушево отпатува на конференција во Египет.

Собраниската делегација на Мечкин Камен годинава ја предводеше потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски.

Во своето обраќање, Милошоски порача дека денешната борба за Македонија не се води со пушка и Црешово топче, туку преку одговорност кон идните генерации.

„Нашата задача, оваа слободна Македонија денес, да имаме кому да ја предадеме утре. Државата не е само територија, ниту збир од државни институции. Државата е народот, живо наследство што секоја генерација го предава на следната“, рече Милошоски.

Тој додаде дека Македонија мора да биде над партиските поделби.

„Партиите доаѓаат и си одат. Владите и градоначалниците се менуваат. Татковината е таа што останува“, порача потпретседателот на Собранието.

Сиљановска-Давкова порача дека државата се зачувува со вложување во младите, се брани со мудра надворешна политика, а се зајакнува преку национално помирување.

Во својот говор таа се осврна и на мултиетничкиот карактер на АСНОМ, нагласувајќи дека неговиот манифест бил упатен до сите етнички заедници.

„Денес се гордееме со високите стандарди за заштита на малцинските права и со фактот дека сите македонски граѓани ги уживаат истите права“, порача претседателката.

Отсуството на Гаши од илинденските чествувања повторно отвори прашања за неговото присуство на најзначајните државни празници.

Гаши и минатата година не присуствуваше на одбележувањето на Илинден во Пелинце. Тогаш како причина беше наведено неговото нарушено здравје, а во негово име се обрати потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска.

Од изборите во 2024 година, Гаши на илинденските чествувања, според досегашните настапи, присуствувал само еднаш – во Скопје, кога манифестацијата се одржа пред Собранието.

CATEGORIES
Share This