ФИЛИПЧЕ ОД КРУШЕВО Се сеќаваме на минатото, но ја избираме иднината

Лидерот на СДСМ порача дека вистинската почит кон илинденците се покажува преку градење слободна, демократска и просперитетна Македонија.

ФИЛИПЧЕ ОД КРУШЕВО Се сеќаваме на минатото, но ја избираме иднината
Фото: Принтскрин

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од Крушево, по повод 2 Август – Илинден, порача дека вистинската почит кон илинденците се покажува преку градење подобра иднина, а не преку останување заробени во минатото. Филипче им оддаде почит на хероите на Илинденското востание и на Крушевската Република, нагласувајќи дека нивната борба била за слобода, правда и право македонскиот народ сам да ја определува својата иднина.

„Денес во Крушево оддаваме почит на хероите на Илинден и на Крушевската Република – на оние кои пред повеќе од еден век се бореа за слободна и достоинствена Македонија. Нивната жртва не беше за изолација, страв и поделби. Тие се бореа за слобода, правда и право на овој народ сам да ја одлучува својата судбина“, рече Филипче.

Тој оцени дека Македонија не смее да биде заробена во минатото, туку треба да создава услови за подобар живот на граѓаните.

Според него, државата не смее да биде место од кое младите ќе заминуваат, пензионерите ќе се борат за егзистенција, а граѓаните ќе се соочуваат со проблеми како небезбедна вода за пиење и институции кои, како што рече, служат на тесен круг луѓе.

„Сеќавањето на Илинден има вистинска вредност само ако ни служи да градиме подобра иднина. Затоа ние се бориме за Македонија во која владее правото, а не партискиот интерес. За Македонија во која има чиста вода, достоинствени плати и перспектива за младите“, истакна лидерот на СДСМ.

Филипче порача дека визијата на СДСМ е Македонија да стане дел од европското семејство, како слободна, демократска и просперитетна држава.

„Илинденците се бореа против тиранијата на своето време. Денес нашата борба е против корупцијата, против изолацијата и против лажниот патриотизам што ја држи државата во место. Ние се сеќаваме на минатото, но ја избираме иднината. За многу години Илинден! Да живее Македонија“, порача Филипче.

CATEGORIES
Share This