ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ЅИДОВИТЕ НА ОВАА КУЌА ВО КРУШЕВО Над 2.000 артефакти ја откриваат приказната за Илинден

Црешовото топче повторно е во центарот на приказната за Крушевската Република.

ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ЅИДОВИТЕ НА ОВАА КУЌА ВО КРУШЕВО Над 2.000 артефакти ја откриваат приказната за Илинден
Фото: Принтскрин

Со нов сјај и ексклузивни артефакти, по повеќегодишно реновирање, повторно блесна Музејот на Илинденското востание во Крушево – еден од најзначајните музеи во Македонија. Новата, трета поставка на музејот на посетителите им нуди можност одблиску да ја запознаат историјата на Илинденското востание и Крушевската Република преку повеќе од 2.000 вредни артефакти.

Музејот се наоѓа во историска куќа во која е прогласена Крушевската Република, но нејзиното значење не завршува тука. Ѕидовите на оваа стара крушевска куќа сведочат и за периодот на македонската преродба, како и за револуционерните години кога во неа престојувале бројни револуционери, кои таму наоѓале засолниште додека траеле потерата и репресијата од Османлиската власт.

Посебно место во новата поставка зазема црешовото топче – еден од најпрепознатливите симболи на Крушевската Република и борбата против османлиската власт. Заедно со останатите експонати, тој ја раскажува приказната за востанието, луѓето кои учествувале во него и историските настани што оставиле трага врз Македонија.

Ексклузивните артефакти се набавувани од повеќе европски земји, а нивното изложување ја збогатува третата музејска поставка и овозможува поинаков поглед кон периодот на Илинденското востание. Со новата поставка, музејот повторно станува место каде што историјата не е само запишана во книги, туку може да се види преку предмети, документи и сведоштва од времето на Илинден.

Музејот на Илинденското востание во Крушево така продолжува да ја чува приказната за Крушевската Република, но и да открива нови детали и историски тајни од едно од најзначајните поглавја во македонската историја.

CATEGORIES
Share This