МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО СО ВОНРЕДЕН НАДЗОР За случајот со 19-годишната Станка Михајлова
Семејството бара одговори откако младата мајка по царскиот рез останала со сериозни проблеми со движењето на нозете; институциите ќе проверуваат дали имало пропусти во лекувањето.

Случајот со 19-годишната Станка Михајлова ја вознемири јавноста, откако нејзиното семејство објави дека младата мајка по породувањето со царски рез повеќе не може самостојно да ги движи нозете. За случајот во јавноста проговори нејзиниот свекор, Велибран Стојанов, кој преку видео во живо на „Фејсбук“ ја раскажа голготата низ која, според неговите зборови, минува семејството. Станка се породила со царски рез кон крајот на јуни во штипската болница. Семејството тврди дека по интервенцијата било информирано дека мајката и бебето се добро, но набргу потоа забележале дека Станка има сериозен проблем со движењето и дека нема нормален осет во нозете.
„Ни кажаа дека ѝ се здрвени нозете, дека нема осет за нозете. Ни се јавија да ја земеме снаата, ама таа не можеше да движи како што треба“ наведува Стојанов.
Според неговото сведоштво, семејството во изминатиот период било упатувано од една во друга здравствена установа. Најпрво Станка била однесена во Струмица, каде, како што вели Стојанов, им било кажано дека нема анестезиолог и дека треба да биде префрлена во Скопје. Потоа била транспортирана во Штип, каде што било извршено породувањето. Семејството тврди дека по повеќе прегледи и препраќања, на крајот добило информација дека Станка би можела да остане неподвижна, поради што сега бара одговор на клучното прашање: што точно се случило по породувањето?
„После толку многу прегледи, препраќања од болница во болница, на крај ни кажаа дека ќе остане неподвижна. Ние бараме одговорност и одговор на прашањето – зошто?“додава Стојанов.
Случајот доби дополнително внимание откако семејството се обрати до јавноста преку социјалните мрежи. Стојанов раскажува дека во момент кога Станка вчера не била примена во штипската болница, решил да се вклучи во живо на „Фејсбук“.
„Вчера во Штип не ја примија, сакаа да си дојдеме дома и јас уклучив лајв. Ми рече некој од таму да не снимам. Потоа ја примија на Неврологија, па мене ме смируваа“, вели тој.
По реакциите во јавноста, Станка повторно била хоспитализирана. Министерството за здравство соопшти дека внимателно го следи случајот и дека е во постојана комуникација со надлежните здравствени установи. Од Министерството најавија вонреден инспекциски надзор со цел да се утврдат сите околности поврзани со лекувањето на младата пациентка.
„Со цел целосно, објективно и стручно утврдување на сите околности поврзани со лекувањето на пациентката, Министерството издаде налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор“, соопшти Министерството.
Оттаму додаваат дека по добивањето на инспекцискиот наод и целокупната медицинска документација ќе биде инициран и стручен надзор над досегашниот тек на лекувањето и постапувањето на здравствените работници и установи кои биле вклучени во случајот. Засега нема официјална потврда дека станува збор за лекарска грешка. Тоа треба да го утврдат надлежните институции по завршувањето на инспекцискиот и стручниот надзор.
Во меѓувреме, семејството на Станка се соочува со неизвесност околу нејзиното понатамошно закрепнување. На семејството, според нивните наводи, му било посочено дека доколку физикалната терапија не даде резултат, пациентката би можела да биде упатена на лекување во странство, меѓу другото во Турција или Германија. Сега сите очи се вперени во наодите на надлежните институции, кои треба да дадат одговор што точно се случило со 19-годишната Станка по породувањето и дали во текот на нејзиното лекување имало пропусти.

