БИТОЛА ЖИВЕЕШЕ СО ПЕСНА И ИГРА Заврши 56. издание на „Илинденски денови“
Со свечено доделување на наградите заврши фестивалот кој со денови ја претвораше Битола во сцена на фолклорот, традицијата и културното наследство.

Со свечено доделување на признанија и награди за најуспешните фолклорни групи, културно-уметнички друштва, ансамбли и поединци, синоќа во Битола заврши 56. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“. На свеченоста присуствуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека годинашниот фестивал бил меѓу најдолгите во неговата историја и уште еднаш ја потврдил Битола како еден од најзначајните центри на фолклорот, традицијата и културното наследство.
„Да се биде во Битола во овој период од годината е навистина привилегија, како за граѓаните, така и за гостите, нашите иселеници и сите добронамерници. За нас како домаќини е чест што секоја година имаме можност да уживаме во песната, играта и богатството на домашниот и светскиот фолклор“, порача Коњановски.
Тој посочи дека годинава фестивалските програми се одржуваа на повеќе препознатливи локации низ Битола, меѓу кои Офицерскиот дом, Широк Сокак, Безистенот, Музејот, Магазата, плоштадот „Магнолија“ и Старата чаршија.
На овие локации домашните и странските ансамбли имаа можност пред бројната публика да ги претстават своите традиции, народни песни и игри, придонесувајќи уште еднаш „Илинденски денови“ да се потврди како значајна манифестација за зачувување и промоција на фолклорното и културното наследство.

