МВР УДРИ ПО НАРКО-МРЕЖИТЕ 241 лице приведено, запленети над 43 килограми марихуана
За само еден месец пресечен и меѓународен канал со 25 килограми марихуана, а во Скопје се одземени пари, два пиштола и дигитални ваги.

Еден месец по формирањето на Работниот тим (Task Force) за сузбивање на недозволената трговија со дрога, Министерството за внатрешни работи информира за серија координирани полициски акции низ земјава. Во нив се запленети повеќе од 43 килограми марихуана, а приведени се 241 лице.
Меѓу позначајните резултати е пресекувањето на меѓународен канал за транспорт на околу 25 килограми марихуана на граничниот премин „Деве Баир“. Акциите биле насочени кон откривање и разбивање на дилерски мрежи, прекинување на каналите за снабдување и спречување на понатамошна дистрибуција на наркотични средства.
Во текот на едномесечниот период полицијата запленила:
- 43,3 килограми марихуана;
- 693,37 грама кокаин;
- 141,42 грама хашиш;
- 691,34 грама амфетамин;
- 50 грама халуциногени печурки;
- 541 таблета екстази;
- 69 ЛСД таблети;
- 14 таблети МДМА;
- 116 паковки со растителна, прашкаста и грутчеста материја, кои дополнително се вештачат.
Во истиот период се поднесени 21 кривична пријава против 29 лица. Полицијата извршила 131 претрес на домови и други објекти, како и 935 прегледи на возила и 1.078 прегледи на лица. Особено значајни резултати, според МВР, се постигнати на подрачјето на СВР Скопје. При претресите, покрај наркотиците, биле пронајдени и одземени 2.900 евра, 100 швајцарски франци, 58.000 денари, два пиштола и шест дигитални ваги. Пронајдените предмети се обезбедени како материјални докази во кривичните постапки.
Работниот тим учествувал и во пронаоѓањето и повторното лишување од слобода на 41-годишен жител на Кочани, за кого била распишана меѓународна потерница. Лицето претходно избегало од полициска станица, каде што било приведено под сомнение за недозволена трговија со дрога. Од МВР најавуваат дека борбата против недозволената трговија со наркотични средства продолжува со засилен интензитет, преку координирани полициски акции, финансиски истраги и продлабочена меѓународна полициска соработка.

