КРУШЕВО ВЕЧЕРВА ГОРИ ВО ИЛИНДЕНСКИ ДУХ Коњаниците пристигнуваат, се крева знамето на Крушевската Република

На Гумење вечерва започнува „10 Дена Крушевска Република“, а утре централното чествување продолжува на Мечкин Камен.

КРУШЕВО ВЕЧЕРВА ГОРИ ВО ИЛИНДЕНСКИ ДУХ Коњаниците пристигнуваат, се крева знамето на Крушевската Република
Фото: Национал

Со традиционалното кревање на знамето на Крушевската Република на Гумење и свечена програма, вечерва во Крушево започнува манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“, во рамки на која ќе се одбележи Илинден – Денот на Републиката и 123-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република.

Чествувањата ќе започнат претпладне со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев, по што делегација од манифестацијата и Општина Крушево ќе ја посети Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во Смилево.

Централниот дел од вечерната програма започнува во 18 часот, кога пред Столбот на Крушевската Република, кај црквата „Свети Никола“ во центарот на градот, ќе пристигнат Илинденските коњаници. По пречекот ќе биде формирана свечена поворка кон платото на Гумење. Организаторите најавуваат учество на околу 120 до 140 коњаници од повеќе места низ Македонија.

Во рамки на чествувањата, делегации ќе положат цвеќе и ќе оддадат почит пред повеќе значајни историски обележја во Крушево – гробот на Питу Гули на Гумење, споменикот на Партизанските гробишта, гробот на Тоше Проески, криптата на илинденските востаници и бистата на Веле Марко. Во 19:30 часот, пред споменикот „Илинден“, ќе биде отворена изложбата на Државниот архив насловена „Илинденското востание во архивската меморија“.

Свеченото отворање на манифестацијата е закажано за 20 часот на Гумење. Пред присутните ќе се обрати градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, ќе биде прочитан Крушевскиот манифест, а програмата ќе продолжи со традиционалното симболично пукање од Црешовото топче – еден од препознатливите симболи на Илинденското востание и Крушевската Република. Паралелно со свечениот дел на Гумење, во Градскиот парк во центарот на Крушево ќе се одржува музичка програма.

„Годинава главен покровител е Општина Крушево. Имаме интересна програма и го зачувуваме стариот начин на празнување, односно традиционалниот дел. Главното збиднување ќе биде на Гумење, а забавниот дел ќе се одвива во Градскиот парк“, изјави Ангелеска.

Централното одбележување на Илинден е утре, 2 август, на Мечкин Камен. На Големиот народен собир е најавено обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.

CATEGORIES
Share This