ФИЛМСКА НОЌ ЗА ПАМЕТЕЊЕ ВО ОХРИД Познати најдобрите на деветтото издание
На плажата Славија заврши деветтото издание на Beach Film Festival, а главната награда му припадна на „Broken Voices“ на Ондреј Провазник.

Деветтото издание на Beach Film Festival – Охрид синоќа заврши на плажата Славија, во атмосфера која уште еднаш ја потврди уникатноста на фестивалот – филмските проекции под отворено небо, со Охридското Езеро како природна сценографија.
Завршната фестивалска вечер започна со краткиот филм „Silent Cinema“ на Крсте Господиновски, по кој следуваше „Ordinary Hero“ на Јован Цветкоски. Публиката имаше можност да го погледне и документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, посветен на земјоделецот Никола и повредениот штрк.
Филмот, кој премиерно беше прикажан во Венеција, веќе има освоено значајни признанија, меѓу кои наградата FIPRESCI од меѓународната филмска критика и Наградата на публиката на Cinema Eye Honors, а беше и македонски кандидат за „Оскар“. Неговата проекција на Славија беше соодветен крај на фестивалот – интимна приказна која прераснува во универзална порака.
Во рамки на свеченото затворање беа доделени и наградите за најдобрите остварувања на деветтото издание.
Најдобар филм е прогласен „Broken Voices“ во режија на Ондреј Провазник. Жирито го издои филмот поради начинот на кој постепено го открива механизмот на злоставувањето, без непотребно да ја потенцира драматичноста, но истовремено не оставајќи ја публиката рамнодушна.
Наградата за најдобро актерско остварување „Стефан Сидовски – Сидо“ ѝ припадна на Катержина Фалброва за улогата во „Broken Voices“, за нејзината суптилна и моќна интерпретација на ликот на девојче соочено со суровата реалност.
За најдобар краток филм во официјалната селекција беше прогласен „On Weary Wings Go By“ на Ану-Лаура Тутелберг, копродукција на Естонија и Литванија.
Наградата за најдобар студентски филм му припадна на „Tilting at Windmills“ на Борјан Гаговски од Северна Македонија.
Фестивалското жири додели и две специјални признанија. Едното му припадна на Лауро Крес за дебитантскиот филм „Impatience of the Heart“, додека второто го доби Флорентина Холцингер, протагонистката на филмот „Moon“.
Со завршувањето на деветтото издание, Beach Film Festival уште еднаш ја потврди својата препознатлива концепција – филмот на плажа не е само филмска проекција, туку посебно искуство во кое киното, природата и публиката се спојуваат во една целина.


