АКТЕРОТ КОЈ Е ДЕЛ ОД КОЛЕКТИВНАТА МЕМОРИЈА НА ПУБЛИКАТА Цанде од „Солунски патрдии“ замина засекогаш
Гоце Тодоровски почина на 75-годишна возраст, оставајќи зад себе незаборавни улоги во театарот, филмот и телевизијата.

Пензионираниот актер на Драмски театар Скопје, Гоце Тодоровски, еден од најпознатите и најпрепознатливите македонски актери, почина на 75-годишна возраст.
Тодоровски зад себе остави кариера долга речиси половина век, во која со своите улоги стана дел од колективната меморија на македонската публика. За многумина засекогаш ќе остане запаметен како легендарниот Цанде од култната претстава „Солунски патрдии“.
Од Драмски театар Скопје велат дека со неговото заминување македонскиот театар, филм и телевизија загубија голем уметник, чие присуство остави трага кај неколку генерации гледачи.
„Гоце Тодоровски не ја бараше наклонетоста на гледачите. Ја освојуваше уште со првото појавување на сцената. Неговата игра имаше ретка непосредност, прецизен актерски ритам, жива мимика, препознатлив гест и оној мангупски шарм со кој умееше да ја пренесе играта од сцената во гледалиштето“, велат од Драмски.
Гоце Тодоровски е роден во Кичево на 30 април 1951 година. Своето образование го стекнува во Скопје, а во 1976 година дипломира на Отсекот за драмски актери при Вишата музичка школа. Уште како студент започнува да настапува во продукции на Драмски театар Скопје, а во 1978 година станува постојан член на ансамблот. На сцената на Драмски останува до пензионирањето во 2018 година, со повеќе од четири децении посветени на театарот.
Во матичниот театар одигра 43 улоги, меѓу кои и оние во „Солунски патрдии“, „Чудото на Свети Ѓорѓи“, „Мачорот Џингискан и Мики Траси“, „Викенд на мртовци“, „Сара Бернар“, „Ноќ спроти водици“, „Собирен центар“, „Ова не е американски филм“, „Арлекин или Слуга на двајца господари“ и „Ладало“.
Неговата последна улога на сцената на Драмски театар беше Ставре во претставата „Како да се ограби банка“.
Тодоровски беше дел од три претстави кои со текот на времето прераснаа во вистински театарски феномени – „Солунски патрдии“, „Болва во уво“ и „Викенд на мртовци“. Неговата интерпретација на Цанде во „Солунски патрдии“ остана една од највпечатливите комични актерски креации во македонскиот театар.
Иако публиката особено го препознаваше по комичните улоги, Тодоровски имаше широк актерски дијапазон. Настапуваше и во драмски и во сериозни остварувања, покажувајќи дека неговиот талент не се ограничува само на комедијата.
Неговата актерска работа не беше ограничена само на театарот. Во текот на кариерата учествуваше во повеќе од 60 филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Викенд на мртовци“, „Пред дождот“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Ругање со Христа“, „Преспав“ и „Бистра вода“.
За повеќе генерации останува препознатлив и по учествата во „Бушава азбука“, „Хихириху“ и „Македонските народни приказни“, преку кои неговите ликови станаа дел од секојдневието на македонските семејства.
Заедно со Ванчо Петрушевски, Благој Чоревски и Ѓорѓи Колозов ја основаше комично-сатиричната театарска трупа „Модро окце“. Работеше и со македонската заедница во Австралија, каде што режираше и настапуваше во претстави на театарот „Бумеранг“.
За улогата на Цанде во „Солунски патрдии“ во 1980 година ја доби наградата за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Во 1986 година беше прогласен за најпопуларно телевизиско лице, во 2020 година ја доби наградата „Свети Јоаким Осоговски“ за значаен придонес во театарот и уметноста, а во 2023 година беше одликуван со Орден за заслуги за Република Македонија.
Минатата година, во 2025 година, фестивалот „Војдан Чернодрински“ му ја додели Наградата за животно дело, како признание за неговиот долгогодишен придонес во македонскиот театар.
Од Драмски театар Скопје се простуваат од својот долгогодишен член со порака дека зад него остануваат улоги кои ќе продолжат да живеат во сеќавањето на публиката.
„За Драмски театар Скопје, Гоце Тодоровски не беше само еден од најдолговечните и најсакани членови на ансамблот. Тој беше дел од неговиот идентитет, од времето кога претставите се играа со децении, а актерите стануваа дел од животот на својата публика.
Зад него остануваат улоги што ќе продолжат да живеат во сеќавањето на гледачите, архивските снимки на кои повторно ќе нè насмее и онаа особена тишина што останува кога од сцената ќе замине актер кој никој не може да го замени.
Гоце, ти благодариме за секоја претстава, за секој лик и за секоја насмевка“, порачаа од Драмски театар Скопје.


