МАКСИМ ВО СТРУМИЦА ОТКРИ КОЈ СЕ ВОЗИ НА ЈАХТИ Но заборави дека некогаш пловеше со ист брод

Додека граѓаните се борат за секој денар, Димитриевски порача дека политичарите треба да одговараат пред народот, а не да се натпреваруваат со луксузни јахти и одмори.

МАКСИМ ВО СТРУМИЦА ОТКРИ КОЈ СЕ ВОЗИ НА ЈАХТИ Но заборави дека некогаш пловеше со ист брод
Фото: Принтскрин

Помина времето кога политичарите од скапи јахти испраќаа пораки до граѓаните и се натпреваруваа кој ќе летува во полуксузно летувалиште. Сега е време за одговорна политика, отчетност и директен разговор со граѓаните, порача лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Димитриевски говореше пред почетокот на панел-дискусијата „Европска ЗНАМ, европска иднина, европска Македонија“, која се одржа во Струмица. Според него, присуството на политичкиот караван во градот е потврда дека граѓаните бараат поинаков начин на политичко дејствување – политика која слуша, работи и одговара пред народот.

„Додека народот се бори за секој денар, а земјоделците се борат за својот труд и производ, некои политичари се натпреваруваат кој ќе покаже поскапа јахта, полуксузен одмор и поголема привилегија. Тоа не е политиката што ја заслужува Македонија. Политиката не е создадена за некој да живее подобро од народот, туку да работи за народот“, порача Димитриевски.

Тој истакна дека Македонија мора да стави крај на практиките во кои политиката се користи за личен интерес и зачувување на привилегиите.

„Во политиката има луѓе кои влегле за да му служат на народот, но има и такви кои политиката ја претвориле во лична корист и привилегија. Секој со својот крст. Граѓаните на Струмица многу добро знаат кој останал верен на идеите со кои започнал, а кој ги заменил принципите за удобност, функции и позиции. На крајот не судат политичките центри на моќ, туку граѓаните. Тие најдобро препознаваат кој се борел за нив, а кој за себе“, рече лидерот на ЗНАМ.

Димитриевски додаде дека Движењето ЗНАМ е создадено како одговор на политиките кои со години предизвикувале разочарување кај граѓаните. Тој посочи дека партијата се залага за поинаков пристап во политиката, без клиентелизам, договори зад затворени врати и ставање на партиските интереси пред државните.

„ЗНАМ не е создадено за да биде дел од старите политички матрици. Создадено е затоа што Македонија заслужува политика во која зборот има тежина, а резултатите се единственото мерило. Ние не бараме доверба заради функции, туку заради работата што ја правиме“, порача Димитриевски.

На панел-дискусијата говореше и министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој се осврна на реформите за создавање професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација. Тој нагласи дека институциите треба да бидат вистински сервис за граѓаните, а не инструмент за партиски влијанија.

Според Минчев, воспоставувањето мерит-систем, професионализацијата на администрацијата и примената на современи стандарди во работењето се меѓу клучните чекори кон создавање поефикасни и подостапни институции.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, пак, оцени дека Струмичкиот регион е доказ за големиот земјоделски потенцијал на Македонија, но и пример дека земјоделците имаат потреба од стабилна државна поддршка и предвидливи политики.

Тој посочи дека земјоделството треба да биде стратешки приоритет, со мерки што ќе обезбедат сигурен пласман, фер услови за производство, модернизација и партнерски однос меѓу државата и земјоделците.

Од ЗНАМ велат дека Движењето продолжува да ја гради својата политика преку директен контакт со граѓаните, преземање одговорност и остварување конкретни резултати, спротивставувајќи се на политичките практики кои, како што наведуваат, со години се карактеризирале со празни ветувања, поделби и привилегии за мал број луѓе.

CATEGORIES
TAGS
Share This