ГОТОВО Е Пирло нема да биде селектор на Италија поради руска обложувалница

Договорот бил практично финализиран, но негативните реакции поради соработката на Пирло со руска обложувалница го стопирале неговото назначување.

ГОТОВО Е Пирло нема да биде селектор на Италија поради руска обложувалница
Фото: Принтскрин

Андреа Пирло сепак нема да ја преземе италијанската фудбалска репрезентација, иако неговото назначување за нов селектор се очекуваше да биде официјализирано денеска. Според италијанските медиуми, преговорите биле практично завршени, но договорот пропаднал поради неговата соработка со руска обложувалница.

Поранешниот тренер на Јувентус, кој моментално работи во Дубаи, беше пред најголемиот предизвик во тренерската кариера. Сепак, неговиот ангажман со руската компанија предизвика негативни реакции во Италија, а неколку италијански пратеници јавно се спротивставија на неговото назначување.

Пирло ги отфрли политичките толкувања на неговата соработка со обложувалницата.

„Да ѝ се припишува политичко значење на таа соработка значи да ми се припишуваат ставови што никогаш не сум ги изнел и кои не ги делам“, изјави Пирло.

Сепак, по негативните реакции во јавноста, претседателот на Италијанската фудбалска федерација (FIGC), Џовани Малаго, наводно одлучил да го стопира процесот на негово назначување и да започне потрага по ново решение.

Новинарот Џанлука Ди Марцио објави дека состаноците поврзани со назначувањето на Пирло, планирани за 27 јули, се откажани. Поради тоа, неизвесно е дали новиот селектор ќе биде официјално претставен на собранието на лигата, закажано за 28 јули.

Според „Ла Газета дело Спорт“, соработката на Пирло со руската обложувалница е поврзана со неговиот ангажман во Дубаи јунајтед, а договорот би требало да заврши по неговото заминување од клубот.

Одлуката околу Пирло може да предизвика дополнителни промени во раководните структури на италијанската репрезентација. Италијанските медиуми пишуваат дека неизвесна е и иднината на Паоло Малдини и Леонардо, кои имаат директорски функции во спортскиот сектор на федерацијата. Двајцата, наводно, би можеле да заминат доколку на селекторската позиција биде поставен тренер кој не се вклопува во нивната визија.

Во трката за нов селектор повторно се споменуваат Роберто Манчини и Антонио Конте, кои и претходно беа меѓу главните кандидати за клупата на „аѕурите“.

CATEGORIES
Share This