КРИЕЧКИ ПРЕГОВОРИ ВО БЕЛАТА КУЌА Трамп откри што се случува зад затворени врати со Иран

Американскиот претседател потврди дека Вашингтон и Техеран разговараат за можен договор, но предупреди дека на маса сè уште стои и воената опција.

КРИЕЧКИ ПРЕГОВОРИ ВО БЕЛАТА КУЌА Трамп откри што се случува зад затворени врати со Иран
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД во моментов преговараат со Иран за можен прекин на војната, оценувајќи дека Техеран станува „сè посериозен“ во разговорите. Сепак, тој нагласи дека сè уште не е донесена одлука за евентуални големи американски воени напади.

„Моментално разговараме со нив. Мислам дека стануваат сè посериозни како што минуваат деновите, можеби од очигледна причина. Но, токму сега разговараме со нив“ изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба на Белата куќа.

Трамп рече дека Иран сè уште не е подготвен да склучи договор, но дека можноста за преговори постои.

„Иран сè уште не е подготвен за договор, но ние разговараме со нив и можеме да преговараме“ – додаде тој.

Според Трамп, САД имаат две опции во однос на Иран, продолжување на воените напади со цел уништување на иранските капацитети или постигнување договор преку преговори.

„Или ќе продолжиме со воените напади и ќе ги уништиме неговите капацитети, или ќе постигнеме договор. Моментално преговараме со нив“ рече американскиот претседател.

Трамп наведе дека во разговорите се вклучени „скоро сите“, меѓу кои потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и други претставници на американската администрација.

„Ќе видиме што ќе произлезе од тоа“ – рече Трамп.

Тој истакна дека не брза да стави крај на конфликтот и дека не чувствува притисок поради претстојните избори за американскиот Конгрес во ноември. Трамп додаде дека ниту растот на цените на бензинот, ниту инфлацијата нема да влијаат врз неговите одлуки поврзани со војната.

„Мора да го направиме тоа правилно. Изборите ќе се справат сами со себе“ – порача тој.

Американскиот претседател одби да одговори и на прашањето дали уништувањето на електраните и мостовите во Иран би претставувало воено злосторство. На прашањето од новинар на „Њујорк тајмс“, Трамп одговори дека нема да коментира.

ТРАМП ПОСТАВИ УСЛОВ ЗА НУКЛЕАРЕН ДОГОВОР СО САУДИСКА АРАБИЈА

Трамп изјави и дека нуклеарниот договор со Саудиска Арабија нема да биде склучен доколку Ријад не се приклучи кон Абрахамовите договори за нормализација на односите со Израел. Според него, Саудиска Арабија претходно не сакала да го направи тој чекор поради конфликтот со Иран, но дека ситуацијата сега е поинаква.

„Тие и другите не сакале да го направат тоа поради проблемите што ги имале со Иран. Тој проблем повеќе не постои, таму повеќе нема голема сила“ – рече Трамп.

Тој оцени дека приклучувањето на Саудиска Арабија кон Абрахамовите договори е важно за иднината на Блискиот Исток и предвиде дека Ријад „ќе се приклучи“ во одреден момент.

НОВИ ЗАКАНИ СО ЦАРИНИ ЗА МЕКСИКО И КАНАДА

Трамп најави и можност за воведување „високи царини“ за Мексико поради појава на паразит поврзан со заболувања во САД, за кој се наведува дека е пронајден во зелена салата произведена во Мексико.

„Ќе воведеме високи царини на Мексико поради салатата. Исто така, ќе воведеме царини на Канада поради чадот“  изјави Трамп, осврнувајќи се на чадот од шумските пожари во Канада кој се шири кон САД.

Тој рече дека Вашингтон ќе разговара со канадските власти за последиците од пожарите и за влијанието на чадот врз американските граѓани. На прашањето што би избрал – проблемот со зелената салата или чадот од Канада, Трамп одговори дека би го избрал чадот.

ТРАМП: ВЕНЕЦУЕЛА СÈ УШТЕ НЕ Е ПОДГОТВЕНА ЗА ИЗБОРИ

Трамп изјави и дека Венецуела сè уште не е подготвена за одржување избори, но дека тоа би можело да се случи во иднина. Тој оцени дека во земјата е постигнат значителен напредок по соборувањето на претседателот Николас Мадуро во акција на американските сили.

„Сè уште не е подготвен за избори, но ќе биде во одреден момент“ – рече Трамп.

Говорејќи за привремената власт во Каракас, американскиот претседател ја пофали вршителката на должноста претседателка Делси Родригез.

„Делси работи фантастична работа“ – изјави Трамп.

Тој додаде дека Венецуела сега генерира повеќе приходи од кога било досега и дека САД имаат корист од тоа. На крајот од обраќањето, Трамп го спомена и успехот на Венецуела на изборите за „Мис Универзум“, потсетувајќи дека во минатото бил сопственик на натпреварот.

CATEGORIES
Share This