ФИЦО МУ ОДГОВОРИ НА ЗЕЛЕНСКИ Словачка не беше и нема да биде дел од оваа коалиција

Словачкиот премиер тврди дека дошло до недоразбирање со француската амбасада и бара демант на информациите дека земјата се приклучила на „коалицијата на подготвените“.

ФИЦО МУ ОДГОВОРИ НА ЗЕЛЕНСКИ Словачка не беше и нема да биде дел од оваа коалиција
Фото: Принтскрин

Словачка не била, ниту ќе биде дел од „коалицијата на подготвените“ која ја поддржува воената политика поврзана со конфликтот во Украина, порача словачкиот премиер Роберт Фицо. Реакцијата на Фицо следуваше откако словачкиот медиум „euBrief“, повикувајќи се на Амбасадата на Франција во Словачка, објави дека земјата наводно се приклучила кон оваа иницијатива.

„Како премиер на Словачка, официјално изјавувам дека Словачка не била, не е и нема да биде членка на коалицијата на подготвените што ја поддржува војната во Украина. Како премиер, не учествував на ниту еден состанок на таа воена алијанса“, напиша Фицо на Фејсбук.

Тој истакна дека лично разговарал со францускиот амбасадор во Словачка и побарал од него да се спречи ширењето, како што наведе, на неточни информации од француската амбасада. Според Фицо, францускиот амбасадор потврдил дека станувало збор за недоразбирање и најавил дека јавноста ќе биде информирана за случајот.

„Коалицијата на подготвените“, предводена од Обединетото Кралство и Франција, обединува повеќе од 30 земји. Во јануари, лидерите на групата потпишаа декларација со намера за можно распоредување воени сили во Украина по постигнувањето мировен договор.

Русија остро се противи на иницијативата. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, неодамна ги опиша земјите членки на „коалицијата на подготвените“ како застапници на продолжување на војната, оценувајќи дека станува збор за држави кои не се заинтересирани за постигнување мир.

CATEGORIES
Share This