СЕДУМ ГОДИНИ НЕ ВРАТЕН ПОЗАЈМЕН МАЗУТ – ДЗР откри низа пропусти во Агенцијата за нафтени резерви
Ревизорите утврдиле неправилности при исплатата на плати и надоместоци, несоодветна евиденција на работното време и недостиг на внатрешна ревизија, додека нафтени деривати од задолжителните резерви биле трајно издавани со владини одлуки.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил низа слабости и неправилности во работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви, при ревизијата на финансиските извештаи за 2024 година и проверката на усогласеноста со законската регулатива.
Иако финансиските извештаи на Агенцијата добиле мислење без резерва, односно ревизорите оцениле дека тие реално и објективно ја прикажуваат финансиската состојба, за усогласеноста со законите, подзаконските акти и воспоставените политики е дадено мислење со резерва.
Меѓу клучните забелешки е тоа што Агенцијата во период од неколку години не доставила предлог-одлука до надлежното министерство за утврдување на количината и структурата на задолжителните нафтени резерви. Ревизорите утврдиле и исплати на плати и надоместоци кои не биле целосно усогласени со законската регулатива, како и несоодветна евиденција на полното работно време на вработените.
ДЗР потсетува дека и ревизијата за 2018 година завршила со мислење со резерва. При последователната проверка било констатирано дека дел од дадените препораки се реализирани, дел се во тек на спроведување, додека една препорака воопшто не била спроведена. Посебно внимание во извештајот е посветено на прашања поврзани со нафтените резерви. Ревизорите посочуваат дека државен орган повеќе од седум години не го вратил позајмениот мазут. Дополнително, нафтени деривати од задолжителните резерви биле трајно издавани врз основа на владини одлуки донесени во услови на прогласена кризна состојба.
Ревизијата укажува и на недостатоци во законската рамка. Меѓу нив се издвојуваат непостоењето на утврдена методологија за усогласување на вредноста на залихите, нејаснотиите околу надлежностите за донесување подзаконски акти меѓу Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како и нерешеното прашање за мандатот на директорот и постапката за именување вршител на должност во Агенцијата.
Како дополнителна слабост, ДЗР констатирал дека во Агенцијата не е воспоставена функција на внатрешна ревизија, што, според ревизорите, претставува недостаток во системот на внатрешни контроли. Од Државниот завод за ревизија информираат дека на Нацрт-извештајот не биле доставени забелешки од страна на ревидираниот субјект.


