САМИ СЕ БОРЕВМЕ ВО БРВЕНИЦА Платформата ЗНАМ 2.0 работеше против СДСМ и повикуваше да не се гласа

ЗНАМ и Левица гласаа за ВМРО, а луѓето од Платформата ЗНАМ 2.0 работеа против мене и против СДСМ, нагласи на прес- конференција, кандидатот за градоначалник на СДСМ во Брвеница, Јовица Радески. Тој посочи дека ваквото однесување не помогна, туку и наштетува на СДСМ, додавајќи дека одредени луѓе од Платформата ЗНАМ 2.0 дури повикувале граѓаните да не излезат на гласање.
„ЗНАМ и Левица гласаа за ВМРО, а луѓето од Платформата ЗНАМ 2.0 работеа против мене и против СДСМ. Не помогнаа, туку одмогнаа. Дури одредени луѓе токму од оваа Платформа повикуваа и да не се излезе на гласање и да не се гласа. Другари, требаше да дојдете и да помогнете. А не сега да кажувате за Брвеница. Размислете каква штета правите. Или молчете или помогнете, доста одмагате“, рече Радески.
Во однос на процесот на гласање, Радески побара истрага за објавувањето на резултатите од гласањето на болните и изнемоштените лица пред официјалното отворање на гласачките кутии, посочувајќи дека станува збор за сериозен сомнеж што мора да биде расчистен.
„Црна дамка на изборите фрли објавувањето на резултатите од гласањето на болните и изнемоштените, уште пред да се отворат кутиите. Очекувам и барам истрага за точно да се види кој ги отворил кутиите, кој ги броел на и кој го пратил бројот да се објави јавно, пред да стигне до комисијата“, рече Радески.
Тој додаде дека изборите во Брвеница уште еднаш покажа дека СДСМ е единствената вистинска опозиција во Македонија.
„Но не сме сами. Со нас се граѓаните. Заедно, со верба, истрајност и посветеност, јас, ние од СДСМ продолжуваме да се бориме.Брвеница ми е во срцето и јас ќе продолжам заедно со вас да се борам за нашата општина во, за секое населено место, за секој човек“, рече Радески.

