ЗА НАШИТЕ 63 АНГЕЛИ НЕМА ОДМОР Се продолжува борбата за правда
Семејствата на 63-те жртви порачаа дека ниту времето, ниту случувањата во судницата нема да ја запрат нивната борба за вистина и одговорност.

Ниту високите температури, ниту времето што минува не можат да ја скршат нашата волја и решеноста да истраеме во борбата за правда.
За нашите 63 ангели нема пауза во љубовта, сеќавањето и барањето за вистина и одговорност. Секој ден е потсетник дека нивните животи и нивните приказни не смеат да бидат заборавени.
Она што деновиве го гледаме во судницата и различни расправи, обиди за одвлекување на вниманието и поместување на фокусот од суштинските прашања нема да нè обесхрабри. Напротив, тоа ни дава уште поголема сила да продолжиме гласно и упорно да ја бараме вистината и правдата.
Ве повикуваме да ни се придружите и оваа сабота, 27 јуни 2026 година, во 18:05 часот. Секој чекор е симбол на сеќавање, секое присуство е поддршка и порака дека нашите деца нема да бидат заборавени.
Нашата борба продолжува. Барањето за правда нема да замолкне.


